На 2 јуни 2024 година, во Банченскиот манастир во Украина, заедничка Литургија отслужија поглаварите на Православната црква во Америка Тихон и на Украинската православна црква Онуфриј. Ним им сослужуваа голем број архијереи, свештенослужители и православни верници од тој крај.
По Литургијата, Митрополитот Киевски и на цела Украина му заблагодари на Митрополитот Тихон за посетата и за заедничкото сослужување. „Ние искрено му благодариме на драгиот гостин, Блаженејшиот Митрополит Тихон за неговата посета, за светите молитви и за благословот, што тој им го принесе на нашата Црква и на нашиот народ“- нагласи Митрополитот Онуфриј.
Митрополитот Тихон нагласи дека е длабоко трогнат од пројавената љубов на украинските верници. „Во овој пасхален период на голема радост, за мене претставува чест да бидам со Вашето Блаженство тука – во Бенченскиот манастир ’Вознесение Христово’. Колку што јас знам, оваа година манастирот одбележува 30 години од своето постоење. Животот, постоењето на монаштвото, сведоштвото на браќата во социјалното служење – претставува демонстрација на силата на православната вера, која го одржува овој свет“ – истакна поглаварот на Православната црква во Америка.
Истиот ден, во Банченскиот манастир, се одржа средба на делегацијата на Православната црква во Америка со членовите на Светиот Синод на Украинската православна црква (УПЦ). Тие ги разгледаа прашањата, поврзани со развојот на православната мисија во Украина и на американскиот континент. Гостите од Америка ги изразија впечатоците од богослужбата и се запознаа со масовната социјална дејност во Черновицката епархија и во Украинската православна црква.
Митрополитот Тихон соопшти за резултатите од собирањето на добротворни прилози во храмовите на Православната црква во Америка за потребите на црковните хуманитарни мисии во Украина. Прилозите достигнале цифра од над два милиони долари, и со тоа тие се највисоки во историјата на таа помесна Црква.
Митрополитот Тихон, заедно со делегацијата, го посети детскиот дом во селото Молница, во близина на Банченскиот манастир. За децата се грижи братството на манастирот, а исто така и сестринството од Бојанскит манастир, но и лично Банченскиот митрополит Лонгин. Исто така, поглаварот на Православната црква во Америка ги посети децата со инвалидитет и со тешки заболувања, кои се згрижени од Митрополитот Лонгин и од Банченскиот манастир.
Извор: https://news.church.ua/2024/06/02/banchenskij-monastir-svidchennya-sili-pravoslavnoji-viri-yaka-trimaje-cej-svit-blazhennishij-mitropolit-tixon/#2024-06-03 , https://news.church.ua/2024/06/02/vidbulasya-zustrich-delegaciji-pravoslavnoji-cerkvi-v-americi-z-chlenami-svyashhennogo-sinodu-upc/#2024-06-03