Одбележан Денот на Крштевањето на Русија

На 28 / 15 јули 2026 година, на денот на споменот на рамноапостолниот кнез Владимир, кога се одбележува и црковно-државниот празник Крштевање на Русија, Неговата Светост Патријархот Московски и на сета Рус Кирил отслужи Божествена Литургија во Патријаршискиот Успенски храм во Московскиот Кремљ, а потоа предводеше свечена литија и молебен на Боровицкиот плоштад.

За време на празничните богослужби, во Успенскиот собор од Храмот на Христос Спасителот беше донесен кивотот со честица од моштите на светиот кнез Владимир, кој подоцна со литија беше пренесен до неговиот споменик на Боровицкиот плоштад, каде што верниците имаа можност да му се поклонат.

За време на светата литургија на Патријархот Кирил му сослужуваа бројни архијереи и свештенство на Руската Православна Црква, како и висока делегација од Антиохиската Православна Црква, предводена од митрополитот Филипополски Нифон и митрополитот Захлејски и Баалбечки Антониј. Поради учеството на гостите од Блискиот Исток, дел од молитвените прозби и возгласи беа изговорени на арапски јазик, а пееше Младинскиот хор на храмовите од Московскиот Кремљ.

На сугубата ектенија и преку посебна молитва беа упатени молитвени прозби за претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, кој на овој ден го слави својот именден, како и за заштита на војската и зачувување на единството и мирот во Светата Русија.

По завршувањето на литургијата, Патријархот Кирил предводеше литија со моштите и иконата на светиот кнез Владимир низ Боровицката порта кон Боровицкиот плоштад, каде што кај споменикот откриен во 2016 година беше отслужен свечен молебен.

За време на молебенот, митрополитот Воскресенски Григориј прочита посебна молитва за зачувување на православното наследство, престанок на непријателствата и умножување на љубовта и мирот меѓу луѓето.

На крајот од богослужбите, Патријархот Кирил им се обрати на верниците со соодветно Првосветителско слово.

На празничните настани присуствуваа бројни претставници на црковниот, државниот и општествениот живот.

Извор: https://patriarchia.ru/article/122257