Одбележана 25-годишнината од основањето на Московското подворје на Чешката црква

На 19 декември 2024 година, кога се празнува светиот отец Николај, архиепископ Мирликиски, во храмот „Св. Николај“ во Москва (каде се наоѓа подворјето на Црквата на Чешките земји и на Словачка) беше одбележана 200-годишнината од осветувањето на храмот и 25-годишнината од основањето на спомнатото подворје.

На Литургијата началствуваше Волаколамскиот митрополит Антониј (претседател на Одделот за надворешни црковни врски на Московската патријаршија). Нему му сослужуваа: Филипополскиот митрополит Нифон (претставник на Антиохиската патријаршија во Москва), архимандрит Серафим Шемјатовски (претставник на Црквата на Чешките земји и на Словачка во Москва, и старешина на подворјето), протојереј Даниил Андрејук (претставник на Православната црква во Америка) и свештенослужители на Руската православна црква.

На богослужбата присуствувааа и амбасадорот на Словачка во Руската Федерација и привремениот дипломатски претставник на Чешка во Русија, како и претставници на општествениот и политичкиот живот во Руската Федерација.

По сугубата ектенија, Митрополитот Антониј ја прочита молитвата за Света Рус. Со благослов на Патријархот Московски и на сета Рус Кирил, владиката Антониј го ракоположи ѓаконот Григориј Љуљушин (клирик на храмот) во презвитерски чин. По задамвоната молитва, беше отслужен молебен пред иконата на Свети Николај.

Потоа, старешината на Подворјето, архимандрит Серафим Шемјатовски го прочита поздравот на Митрополитот на Чешките земји и на Словачка Растислав. Поглаварот на оваа помесна Црква му изрази срдечна благодарност на Патријархот Кирил за добриот и топол однос кон претставништвото на Чешката и Словачка црква во Москва.

Со благослов на Митрополитот Растислав, архимандритот Серафим му врачи на Митрополитот Антониј орден на светиот кнез Растислав Великоморавски од втор степен, поради заслуги за Православната црква на Чешките земји и на Словачка.

Митрополитот Антониј на сите присутни им го пренесе благословот на Рускиот патријарх Кирил, а на архимандритот Серафим му го честиташе јубилејот на Подворјето. Исто така, тој му заблагодари за неговите залагања за зацврстување на братските врски меѓу двете Помесни православни цркви. Во таа прилика, владиката Антониј замоли да му биде пренесана неговата благодарност кон Митрополитот Растислав за врачената висока награда.

Како спомен на настанот, тој му подари на Подворјето престолен крст, а на архимандритот Серафим граден крст.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/92650/