Одговор од Романската Црква на изјавата на папата Франциск за унифициран датум за прослава на Велигден

Прес-службата на Романската Патријаршија на 28 јануари 2025 година ја објави реакцијата на Романската православна црква на изјавата на поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, за подготвеноста на Римокатоличката црква да прифати унифициран датум за прослава на Велигден со другите христијански цркви, вклучувајќи ја и Православната Црква.

„Католичката црква е подготвена да прифати датум што сите го сакаат: датум на единство“, изјави папата Франциск на 25 јануари, за време на екуменската вечерна богослужба во базиликата „Св. Павле“ во Рим.

На 27 јануари, Цариградскиот Патријарх Вартоломеј, во своето обраќање пред Советот на Европа во Стразбур изјави дека: „Вселенската патријаршија е подеднакво посветена на унапредувањето на христијанското единство, не само преку теолошки дијалог, туку и преку активни дискусии за заеднички датум на Велигден.“

Изјавата на Романската православна црква, пак, нагласува дека „одлука за датумот на прославата на Велигден може да се донесе само во рамки на иден Сеправославен собор со учество на сите сестрински Православни Цркви“.

Во продолжение е целата објава на Романската патријаршија.

По неодамнешната изјава на папата Франциск за утврдување на заеднички датум за празнувањето на Воскресението Христово, сакаме да појасниме дека секоја консултација во врска со датумот на Велигден и можната одлука може да се одвива само во рамките на иден Сеправославен собор, со учество на сите сестрински православни цркви. 

Оваа иницијатива е во согласност со тековните напори за ова прашање, земајќи ја предвид значајната препорака на средбата на поглаварите и претставниците на Православните Цркви, одржана од 21 до 28 јануари 2016 година во Центарот на Вселенската патријаршија во Шамбези. 

За време на оваа средба беше нагласено: 

„Во однос на прашањето за календарот, соодветно е секоја Црква слободно да го применува она што го смета за корисно за духовната изградба на своите верници, но без да се менува заедничкиот датум на празнувањето на Велигден од страна на сите православни.“ 

Затоа, секоја иницијатива во врска со датумот на Велигден може да биде разгледувана само во контекст на Сеправославен собор. 

Извор: https://basilica.ro/en/response-to-pope-francis-statement-on-a-unified-date-for-easter/