Одлуки на Светиот Синод на Ерусалимската Патријаршија од декември 2024 година

Светиот архијерејски синод на Ерусалимската патријаршија заседаваше на 26 декември 2024 година, под претседателство на Неговото Блаженство Патријарх Ерусалимски г.г. Теофил III – известува интернет сајтот на Патријаршијата во своето соопштение за јавноста.

На седницата, меѓу другото, беше одлучено да се одбележи 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја со организирање на Теолошка конференција, во манастирот на Чесниот Крст. На Првиот вселенски собор аријанизмот е осуден како ерес и е потврдена божественоста на нашиот Господ Исус Христос преку употребата на терминот „едносуштен“ во Символот на верата. За реализација на конференцијата, Светиот синод формира Комисија предводена од Блаженејшиот Патријарх Ерусалимски г. Теофил. 

Синодот ја разгледа извештајот од Неговото Преосвештенство Архиепископот Антидонски г. Нектариј, Егзарх на Ерусалимската Патријаршија во Цариград, за неговото учество на 22-рата Светска конференција на верските лидери на традиционалните религии, што се одржа во Казахстан на 8 октомври 2024 година.  Синодот ја забележа информацијата за доделувањето на првиот орден на Казахстан на Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски, како признание за неговиот значаен придонес кон мирот во регионот и на меѓународно ниво. 

Исто така го разгледа извештајот на почитуваниот Професор о. Георгиј Драгас заедно со професорот Теодор Јангу од Универзитетот во Солун за нивното учество во дијалогот меѓу Православните Цркви и Дохалкидонските Цркви во Коптскиот Патријаршиски центар „Логос“ во манастирот Свети Паисиј, во Египет во периодот меѓу 15 и 18 септември 2024 година. Светиот Синод го пофали почитуваниот о. Георгиј Драгас за неговиот придонес во овој дијалог.

Патријархот Теофил ги информираше членовите на Светиот Синод за неодамнешната посета на Заменик-министерката за надворешни работи на Грција г-ѓа Александра Пападопулу, која беше детално информирана од Неговото Блаженство и се обврза да придонесе во решавањето на проблемите со кои се соочува Патријаршијата, имено одбивањето на дозволи за престој (визи) за членови на Патријаршијата кои патуваат во странство врз основа на бројот на години на престој во Израел. Исто така, одбивањето на барањата за добивање израелски лични карти и потешкотиите при запишување на ученици под 14 години за школување во Патријаршиската школа Сион. Министерката исто така се обврза дека ќе биде поддршка во сите напори на Патријаршијата за основање на Центар за теолошки истражувања во Светиот манастир на Чесниот Крст.

Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/sunodikai-apofaseis/αποφασεισ-τησ-αγιασ-και-ιερασ-συνοδου-32/