Одземените храмови на Украинската Православна Црква претворени во кафетерии и кино-сали

Во Киевската градска клиничка болница бр. 3, просторијата каде што претходно се наоѓаше храмот на светата Ксенија Петербуршка на Украинската Православна Црква, беше преуредена во кафетерија – известуваат украинските црковни медиуми. 

Храмот функционираше на територијата на болницата 22 години, овозможувајќи им на пациентите да учествуваат во богослужбите и во Светите Тајни. Храмот беше затворен во ноќта на 10 февруари 2022 година. Подоцна, во таа просторија е отворена кафетерија.

На друго место, во храмот „Преображение Господово“, во Чернигов, кој порано припаѓаше на Украинската Православна Црква, а беше одземен на 25 декември 2023 година, и даден на користење на ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија), на 1 ноември 2024 година беше одржана филмска проекција.

Настанот беше организиран од Националниот архитектонско-историски резерват „Стар Чернигов“. На посетителите им беше претставена првата епизода од документарниот проект „Черниговското кнежевство. 1000 години“. Екранот беше поставен пред Царските двери, а публиката седеше на столчиња во храмот. 

Извор: https://spzh.eu/ru/news/84162-v-kieve-otnjatyj-u-upts-khram-pereoborudovali-v-kafe