Околу 2.000 луѓе учествуваа во литијата во Тутаев

Повеќе од две илјади поклоници учествуваа во литијата со иконата на Семилостивиот Спасител, која се одржа во градот Тутаев, во Јарославската област на Руската Федерација. Ова го соопшти Јарославската митрополија.

Литијата се одржа на десниот брег на реката Вогла во Тутаев и беше посветена на значаен настан од историјата на градот — враќањето на иконата на Спасителот од Ростов во Романово-Борисоглебск (денешен Тутаев), што се случило во XVIII век.

Под звукот на црковните ѕвона и молитвените песнопенија, верниците поминаа патека долга 8,5 километри. По патот учесниците посетија повеќе општествено значајни установи и православни светилишта, меѓу кои центарот „Милосрдие“, окружната болница, Домот на ветераните, градските гробишта, православното училиште, како и храмовите „Свети Венијамин“ и „Благовештение“.

Иконата на Семилостивиот Спасител се смета за едно од главните светилишта на Јарославската земја. Таа припаѓа на иконографскиот тип Христос Седржител и го претставува Христос до појас, со отворено Евангелие во левата рака, како благословува со десната рака. Според преданието, светата икона била насликана на почетокот на XV век од преподобниот Дионисиј Глушицки за Борисоглебскиот храм во Романово-Борисоглебск.

Иконата импресионира со своите димензии — висока е околу 3,2 метри и широка 2,8 метри. За нејзино носење се потребни најмалку 30 луѓе. Денес светилиштето се чува во Воскресенскиот соборен храм во Тутаев, каде што свечено било пренесено во 1798 година. Верниците ја почитуваат иконата како чудотворна и сведочат за случаи на исцелување и помош по молитви пред неа – известува рускиот црковен портал „Глобал ортодокс“.

Посебна традиција на оваа литија е минувањето на верниците под иконата за време на запирањата на поворката. За таа цел се користи специјална метална конструкција која овозможува светињата да се носи на раменици, а истовремено поклониците да можат да поминат под неа.

Традицијата на литии со иконата на Семилостивиот Спасител трае веќе неколку векови. По десниот брег на реката Волга, поворката се одржува во десеттата недела по Пасха, на храмовниот празник на Воскресенскиот соборен храм. Уште една литија со оваа светиња секоја година се одржува по левиот брег на градот, во пресрет на празникот на светиот пророк Илија.

Во исто време, во регионот заврши и традиционалната повеќедневна Казанска литија со почитуваната Казанска икона на Пресвета Богородица. Таа започна на 9 јуни во Јарослав и траеше 16 дена. За тоа време светата икона беше носена по маршрутата од Казанскиот женски манастир преку Тутаев до Рибинск и назад. Дел од патот учесниците го поминаа со автомобили, а иконата беше донесена во сите храмови што се наоѓаа на патеката на движењето.

Казанската литија е една од најстарите религиозни традиции на Јарославската земја. Официјално била востановена во 1761 година. Првично маршрутата водела до Романовската страна на Романово-Борисоглебск, а во 1807 година, по молба на поклониците, била продолжена до Рибинск.

Завршниот ден од литијата се одржа на 24 јуни. Пред враќањето во Казанскиот женски манастир, иконата беше донесена во храмовите на Јарослав. Во манастирот светилиштето го пречекаа игуманијата Екатерина, сестринството на манастирот и бројни парохијани. По пречекот беше отслужен благодарствен молебен со пеење акатист на Пресвета Богородица.

Извор: https://gorthodox.com/news-item/2000-chelovek-prinyali-uchastie-v-krestnom-hode-v-tutaeve