Окружно послание од Светиот Синод на Бугарската Црква за дополнителни молитви за време на одржувањето на црковниот собор за избор на нов Патријарх

Светиот архијерејски синод на Бугарската православна црква, преку официјалната интернет страница на Бугарската патријаршија го упати следното окружно послание до своето свештенство и верници:

Соопштуваме дека Светиот синод на своето заседание на 12.06.2024 година, протокол бр.10 – во полн состав, во исполнување на чл. 41, чл. 43 ст. 1 и чл. 47 ст. 5 од Уставот на Бугарската православна црква – Бугарска патријаршија, согласно на своето претходно решение од Синодското заседание на 19.03.2024 година, протокол бр.7 – во полн состав, со кој се свикува Четвртиот црковен собор за избор на Патријарх, на 30 јуни годинава (недела) – на празникот на Соборот на светите дванаесет апостоли реши:

Во храмовите и манастирите на 15-те епархии на Бугарската православна црква, како и во ставропигијалните манастири, Православната богословска академија „Св. Кирил и Методиј“, во богословиите и параклисот на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Софискиот Универзитет, на 30 јуни годинава, при соопштувањето на името на новоизбраниот Бугарски патријарх од портпаролот на соборот, камбаните да бијат торжествено 30 минути, а утрото, при извршувањето на неделната богослужба, свештенослужителите да ги упатат следниве молитвени прозби:

На проскомидијата

Господи Исусе Христе, Боже наш, прими ја оваа жртва за простување на гревовите на Твоите слуги, – сите верни синови на Твојата света Бугарска Црква, кои се собраа да расудат соборно и да устројат што треба да биде благоприлично и уредно за доброто на светата Црква. Усрдно Те молиме, Господи и Боже наш, за добар успех на светата работа на овој Собор и за доброто на татковината и на сиот наш народ: затоа, Господи, благослови, умудри, просветли и укрепи ги целиот Собор во нивните дела, за да можат да устројат и да извршат сè во Твојата слава и за општо добро на сите.

На мирната литија

За да ја благослови со силата и дејството и слегувањето на Светиот Дух работата на овој Свештен Собор за Своја слава и за доброто на Неговата Црква, на Господа да се помолиме.

За да им даде на членовите на Соборот добар успех и нивното дело да се изврши со благодатта на Светиот Дух, на Господа да се помолиме.

На сугубата ектенија

Погледни, Човекољубче, со Своето милосрдно око на овој Свештен Собор и благослови го неговото добро дело, за да биде успешно завршено во Твојата слава, Те молиме, услиши и помилуј.

Господи, Кој ни заповеда да правиме сè во Твојата слава, дај им на Твоите слуги, членовите на овој Свештен Собор, здравје и мудрост со благоденствие и успешна содејство за извршување, Те молиме Тебе, сештедар Творче, услиши и помилуј.

Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/okrazhno-na-sv-sinod-za-molitveni-proshenia-pri-provezhdanet