Судот за прекршоци во Патра едногласно одлучи да го ослободи отец Анастасиос Гоцопулос од обвинението за одржувањето на Божествената Литургија на 25 март 2020 година, на празникот Благовештение, во храмот „Св. Никола“ во Патра.
Значајно е што обвинителот се согласи со аргументите на адвокатите Ј. Јатру и И. Хаџиантониу за неуставноста на министерската одлука која забрануваше одржување на било какви богослужби во период од 20 дена за време на ковид-19 пандемијата.
Судиите целосно се согласија со предлогот на обвинителот, но исто така се повикаа на конфликтот на должности. Со објавувањето на пресудата, присутните во судницата започнаа со долготраен аплауз.
Да потсетиме, Единствениот суд за прекршоци во Патра на 10 октомври 2022 година го осуди отец Анастасиос на осум месеци затвор со условна казна, заради прекршување на министерската одлука со која беше забрането одржување на богослужби. Отецот поднесе жалба на таа пресуда.
На судењето во Патра присуствуваа голем број верници, свештеници, монаси и обични граѓани за да ја изразат својата поддршка кон свештеникот на митрополијата во Патра.
Во својата одбрана, отец Анастасиос истакна дека како православен христијанин, како православен свештеник и како грчки граѓанин не може да ја прифати целосната забрана за одржување на Божествена Литургија, како што беше одлучено за период од 20 дена за време на пандемијата.
Конкретно, нагласи: „Никако и за никаков повод не може да се прифати забрана за одржување на Божествена Литургија, дури ни за еден ден. Укинувањето на Божествената Литургија, макар и привремено, макар и за еден ден, значи укинување на самата Црква. Слична законска одредба за целосна забрана на Божественото богослужение, односно криминализирање на неговото одржување, постоела во Европа до 311 година (смртта на Диоклецијан) и во Албанија под Енвер Хоџа (1967–1990)! Ни Мехмед Освојувачот, ни Ленин, ни Сталин не се осмелија на таква дрскост против највнатрешното јадро на Црквата – Тајната на Божествената Евхаристија, каква што си дозволи Грчката Република!“
Својата одбрана ја заврши со следните зборови: „Ако ова беше злосторство, ја преземам одговорноста. Ако вашата совест и вашето чувство за правда ме сметаат за виновен, осудете ме! Го прифаќам оваа чест, големата чест на осуда затоа што како православен свештеник ја извршив својата должност.“
Претходно, свештеникот и лекар отец Евангелос Папаниколау, кој сведочеше како сведок, изјави дека свештеникот кој не служи Литургија на празникот Благовештение, не е свештеник.
Тој додаде дека дури и во Камерун, каде што служи како клирик, Божествената Литургија никогаш не била укината, и покрај тоа што многу епидемии таму биле во полн замав.
Извор: https://www.romfea.gr/diafora/67378-athoothike-panigyrika-o-p-anastasios-gotsopoulos