Во средата, на 5 август 2026 година, во пресрет на големиот Господов празник Преображение Христово според новиот календар, Неговото Блаженство папата и патријарх Александриски и на сета Африка Теодор II, началствуваше на вечерната богослужба во храмот „Св. Никола“ во населбата Ибрахимија во Александрија, Египет. Сослужуваа митрополитот Тамијатејски Герман и епископот Мареотидски Дамаскин, патријаршиски викар на Александрија, во присуство на голем број верници.
На вечерната богослужба патријархот Теодор изврши монашки потстриг на две млади Египќанки, кои по долг период на духовна подготовка, искушение и послушание целосно му го посветија својот живот на Христос, добивајќи ги монашките имиња Ксенија и Матрона.
Првата монахиња го доби името Ксенија во чест на преподобната Ксенија, но и на блаженоупокоената игуманија Ксенија од Егина, првата игуманија на манастирот „Света Троица“ на Егина, основан од свети Нектариј Егински. Игуманијата Ксенија, иако била слепа, била една од првите и најблиски духовни чеда на свети Нектариј, позната по своето смирение, послушание и свет живот. Втората монахиња го доби името Матрона во чест на света Матрона Московска, која, иако се родила слепа, добила од Бога дар на прозорливост, непрестајна молитва и чудотворство, станувајќи пример за непоколеблива вера, трпение и целосна доверба во Божјата волја.
Особено значење има тоа што патријархот Теодор II објави дека храмот „Св. Никола“ се прогласува за Женски патријаршиски манастир, со што официјално започнува ново монашко сестринство во рамките на Александриската патријаршија. Оваа одлука претставува значаен настан во историјата на Патријаршијата и сведочи дека монаштвото продолжува да се развива и да привлекува нови души и на африканскиот континент.
Обраќајќи им се на новите монахињи, патријархот истакна дека од тој момент тие целосно Му припаѓаат на Христос и на Неговата Црква. Тој ги повика да ги чуваат послушанието, смирението, непрестајната молитва и несебичната љубов како најголемо богатство, за нивниот живот да биде постојано сведоштво за Евангелието и извор на утеха за сите што ќе доаѓаат во манастирот.
Посебно се осврна и на идната мисија на новиот манастир во служба на страдалниот човек. Истакна дека една од новозамонашените сестри е стоматолог и изрази желба во рамките на манастирот да биде основан современ здравствен центар, кој ќе стане вистинска „болница за душите и телата“, каде што молитвата ќе биде неразделно поврзана со делотворната љубов и милосрдието кон секој човек.
Патријархот им изрази длабока благодарност и на родителите на двете монахињи, кои ги воспитале во верата и љубовта кон Црквата, овозможувајќи им слободно да одговорат на Божјиот повик. Воедно им се заблагодари и на сите што придонеле за нивната духовна подготовка и поддршка.










