Епархијата Рашко-призренска на Српската православна црква со загриженост ја прими веста дека овогодинешниот фестивал „Улпиана“ во археолошкиот парк на древниот римски град Улпиана, покрај Грачаница, започна со неопагански перформанс во кој беа запалени три големи крста.
„Овој нечесен чин без преседан претставува длабока навреда за сите христијани, а особено за нашиот народ во мнозински српската општина Грачаница, каде што се наоѓа ова археолошко наоѓалиште“ – се вели во соопштението од Епархијата.
„Палењето на крстови нè потсетува на страшните времиња на паганските прогони на христијаните, но и на систематското уништување на српските православни светињи во Косово и Метохија во нашето време. Во налетот на вандалските напади на косовските албански екстремисти, беа уништени и запалени десетици цркви, на кои беа палени и рушени крстови. Крстовите беа кршени и на многу христијански гробишта. Палењето на крстови во непосредна близина на манастирот Грачаница претставува навреда на христијанската вера и директна закана.
Овој невкусен и крајно вандалски чин нема никаква врска со наследството на Јустинијановата Улпијана – Јустиниана Секунда, каде што можат да се видат остатоци од ранохристијанска базилика и крстилница, кои се подигнати токму на местото каде што маченички загинале и биле распнати Св. Флор и Лавр, првите христијански маченици на овие простори.
На просторот на Косово и Метохија, населено со мнозинско муслиманско население, ваквото јавно сквернавење на најсветиот христијански симбол во име на една перверзна уметност само покажува крајна неодговорност од оние кои го организирале овој настан и го доведува во прашање нивниот капацитет да се грижат за древното христијанско наследство.
Наследството на древната Улпијана со векови го продолжува блискиот манастир Грачаница, светски споменик на УНЕСКО, кој веќе 700 години стои недалеку од древната Улпијана како сведоштво на христијанската вера.“