Манастирот „Св. Јован Крстител“ во Есекс, Англија, со голема радост го прослави осветувањето на новата црква посветена на својот свет основач – Св. Софрониј Есекски.
Св. Софрониј, духовно чедо на големиот Св. Силуан Атонски, го основал манастирот во 1959 година и со децении служел како негов игумен. Тој се претстави пред Господа на 11 јули 1993 година, а беше канонизиран од Цариградската патријаршија на 27 ноември 2019 година.
Во сабота навечер, на 21 јуни, во црквата „Св. Софрониј“ беше отслужена Вечерна со многу поклоници и гости. Со богослужбата началствуваше Архиепископ Никита Тијатирски од Цариградската Патријаршија. Присутни беа и повеќе други архијереи, меѓу кои и Митрополитот Николај Месогејски од Православната Црква на Грција.
Следното утро започна со Утрена богослужба, по што следуваше литија со моштите на св. Софрониј од новата црква до параклисот „Св. Силуан Атонски“ и назад, при што светите мошти беа положени во олтарот. Потоа беше извршен чинот на осветување на црквата и беше отслужена Божествена Литургија, на која началствуваше Архиепископот Никита. На богослужбата присуствуваше и Цариградскиот патријарх Вартоломеј.
По богослужбата, игуменот Петар му се обрати на патријархот Вартоломеј зборувајќи за историјата на манастирот и молитвеното застапништво на неговиот свет основач, св. Софрониј:
„Првите темели на новата црква ’Св. Софрониј’ во нашиот манастир беа положени уште пред многу години, кога светиот старец целосно се предаде на Божјата волја, која го доведе во оваа оддалечена земја. Како што новороденчето го започнува животот со плач, така и нашиот манастир го започна своето постоење врз темелите положени од св. Софрониј, со многу солзи, воздишки од длабочините и со крв и пот. Во личноста на нашиот свет основач, отец Софрониј Атонски, навистина се исполнува Писмото. Неговиот живот не е како на другите луѓе, и неговите дела се од друг вид (сп. Мудр. 2, 12–15). Со маченичко самоодрекување, светиот Старец остана верен на Божјата волја до крајот на својот живот, кога своето свето тело му го предаде на манастирот како осветен првоплод што ’го заквасува целото тесто’“ (1 Кор. 5, 6; Гал. 5, 9).
Тој е Оној што го благословува почетокот и го дарува крајот. Тој ги сее добрите желби во нашите срца, ги зацврстува нашите намери и ја устројува нивната исполнетост, при што го изградува храмот на Своето Божество не со раце направен, насочувајќи го својот поглед кон него и дарувајќи ни ја привилегијата, особено преку Божествената Литургија, да станеме ’сведоци’ на Неговиот живот, додека со радост брзаме кон денот на Неговото славно Јавување. Без да се потпираме на ’делата на нашите немоќни раце’, ги издигнуваме очите кон нашите свети отци, Силуан и Софрониј. Сведочиме за нивната благодат, ја возвестуваме силата на нивните молитви и не ги прикриваме многуте и големи добрини што тие ги даруваа на нашиот смирен манастир. Би биле слепи ако не го препознававме тоа и неблагодарни ако не исповедавме дека, преку застапништвото на нашите свети отци и под постојаната заштита на големата мајка Црква Христова, непојмливата Божја промисла ’го прошири местото на нашата скинија’ (сп. Ис. 54, 2).“
„Побожно ја молиме Вашата Сесветост да се моли Оној што го започна ова добро дело во нас, да го усоврши до денот на славното јавување на нашиот Господ Исус Христос. Ризницата на Божјиот благослов што ја прими оваа новоизградена црква на нашиот свет основач, нѐ охрабрува да одиме по патот на нашите свети отци. Но истовремено, тоа е и страшна одговорност и свечено предупредување – да бидеме постојано будни, за Божјиот дар и вдахновение да не ’оладат’ нашите срца и да не изгубиме толкаво богатство. Зашто Божјиот благослов пребива само таму каде што се прима со благодарност.
Нашиот говор го завршуваме со смирено молење до нашиот свети Старец Софрониј Атонски – неговото име никогаш да не престане да дејствува во оваа црква, туку секогаш да ги утешува срцата на сите што ќе влезат овде со нераспадливата утеха на Божјата благодат: ‘Ќе се наситат од изобилието на Твојот дом и од потокот на Твоите сладости ќе ги напоиш’ (Пс. 36, 8). Амин.“
Потоа, Патријархот зборуваше за осветувањето на црквите како пројава на заедницата на светите.
