Отец Димитриј Гагастатис вброен меѓу светителите

Според сигурни информации на грчкиот црковен порталот „Ромфеа“, Цариградската Патријаршија на 9 јули 2025 година, официјално го прифатила поднесениот предлог од Црквата на Грција, и го впишала протојерејот Димитриј Гагастатис во диптихот на светителите на Православната Црква.

Постојаниот Свет Синод на Црквата на Грција, на својата седница на 11 март 2025 година, едногласно го прифати предлогот од Митрополијата на Трикала за впишување на блажениот протојереј Димитриј Гагастатис во светителските списоци на Црквата и достави соодветно барање до Цариградскиот Патријарх г.г. Вартоломеј.

Кој е Димитриј Гагастатис?

Роден е на почетокот на 20 век, поточно во 1902 година, во селото Платанос, каде подоцна, цели 42 години, служеше како добар пастир на словесното стадо. Платанос е мало гратче, или големо село, на 15 километри од градот Трикала, во Тесалија. Се упокои во мир на 29 јануари 1975 година.

Станува збор за една светоносна личност, иако живееше како оженет свештеник. Беше украсен со многу дарови: голема ревност, чиста совест, проста но непоколеблива вера, длабока смиреност и исполнета љубов кон Бога и ближниот.

Отец Димитриос имал чудесни знаци уште од најраната младост. Даровите што ги доби од Бога ги развиваше со љубов и ревност, ги умножуваше и сè правеше со смирение – само за слава Божја.

Кога Бог наоѓа такви избрани садови, ги исполнува со благодат и преку нив ги благословува и оние што се приближуваат до тие духовни „печки“ и пристаништа.

Отец Димитриј не заврши никакви училишта. Со мака го завршил основното училиште во родното село. Беше овчар. Каде и да се наоѓаше, имаше сеќавање на Бога, сеќавање на смртта. Ги затвораше овците во трлата и со солзи одеше на богослужба. Кога не можеше да оди, клечеше во планините и плачеше, молејќи милост, затоа што беше далеку од Божјиот дом.

Со голема побожност ги читаше житијата на светителите и ги чувствуваше како негови заштитници. Присуството на светителите беше живо и реално за него – ги чувствуваше блиски благодарение на чистотата на животот.

Говореше: „Свети Архангели, да ме чувате, да се вратам жив, да ви кажам благодарам“. Прво одење во Божјиот дом, па потоа на работа, па повторно во храмот – тоа беше неговото животно правило.

Неговиот живот беше евхаристиски. Каде и да беше, пееше, се молеше и непрестајно Му благодареше на Бога. Стигнуваше до блажено духовно умиление, до „радосната тага“, за која говорат светите Отци.

Имаше свој, личен начин да го живее Божјото присуство. Ние, денешните, сме често лишени од тоа искуство, како да слушаме непознат јазик.

Еден настан сведочи дека Бог уште од рана возраст го избрал за света мисија: една ноќ, додека спиеше во својата скромна куќа, му се јави старец и му рече: „Стани, чедо мое, ќе падне куќата“. Повторно му се јави, и третиот пат го разбуди сосема. Штом излегоа надвор – куќата се урна. Тој старец беше свети Николај, чиј храм стоеше во селото. Бог го зачува.

Отец Димитриос се ожени со Елисавета и доби девет ќерки.

Кога дојде време да оди во војска, отиде во храмот на Светите Архангели, каде што се молеше уште од дете. Рече: „Јас ви служам од дете, сакам една милост – да се вратам жив“. Отиде во Мала Азија. Таму, додека другите гинеа, тој добиваше чудесна заштита. „Во Смирна – раскажуваше – сите колеа, а мене ми дадоа коњ и ми рекоа: Бегај кон Чешме.“

Ја преживеа и граѓанската војна. Го напаѓаа поради проповедта за Христа, семејството, татковината. Го проколнуваа, му се закануваа, дури и се обидоа да го убијат – но постојано се спасуваше.

Еден неделен ден, на излегување од храмот, го нападнаа 11 коњаници. Го бркаа по нивите, пцуеја, пукаа по него – куршумите му ги дупчеа одеждите, но не го повредија. Кога се приближија на 50 метри, падна на колена и повика: „Свети Архангеле Михаиле, помагај!“ Сите се скаменија. Командантот падна од коњот и ја скрши кичмата. Ги повика да се покаат. Го оставија, и тој со народот влезе во храмот – сите Го славеа Бога за чудото.

Секогаш се сметаше себеси за последен. Потпишуваше: „најмалото, земното скршено зрно“. Живееше со храброст и смиреност. Кога жена му се жалеше за нивните ќерки, велејќи: „Што ќе биде со нив, другите вака и вака  прават“, тој одговараше: „Ќе умрам како свештеник, не како маска. За Христа се жртвувам“.

Го повикуваа да оди во Атина или на Блискиот Исток, но тој велеше: „Не ме спасивте вие, туку Архангелите. Нема да ги оставам моите заштитници.“

„Го имам Христа за кормилар“, велеше. „Не Го примиле луѓето доволно во срцата. Толку е сладок, не Го менувам за ништо. Цел живот Го молам да ме удостои да ја пролеам крвта за Него.“

Се исповедаше со таква чистота што дури и старец Филотеј Зервакос рече: „Таква исповед за 70 години не сум слушнал“. Се запознале лично и служеле заедно неколкупати. Во книгата за о. Димитриј, Зервакос напиша: „Станува збор за светител.“

Старец Порфириј, кога му кажале за упокојувањето на отец Филотеј, рекол: „Црквата доби уште едни свети мошти.“ А за отец Димитриј рекол: „Е тој е свет човек. Не се важни годините – светоста не бара време.“

Низ православието многумина го сметале за свет: старец Ефрем Катунакиски, старец Георгиј Капсанис, старец Емилијан Симонопетриски и други современи духовни личности.

Отец Димитриј имал жива вера, дар на трпение, смирение, љубов. Љубовта Христова во него носеше плод. Не ја поседувале таа длабочина ниту најголемите мудреци на светот.

Примерите и сведоштвата за неговите молитви, пророчки видувања, духовни совети и чуда се многубројни. Ја имал таа „детска доверба“ во Бога. Дури и кога веќе умирал од рак, му одговарал на луѓето по молитва со прецизни информации – што потоа се покажувале како вистинити.

Неговата харизма беше живо сведоштво на Божјото присуство, а неговата едноставност – доказ за тоа дека светоста не бара учено слово, туку чисто срце.

Извор: https://www.romfea.gr/katigories/10-apopseis/70763-poios-itan-o-p-dimitrios-gagkastathis