Во Русија Денот на трезвеноста се одбележува секоја година на 11 септември, на денот кога се празнува споменот на Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител. Традицијата на одбележување на Денот на трезвеноста е обновена на 25 јули 2014 година од страна на Светиот Синод на Руската Православна Црква. На овој ден на архијереите и свештенството им се препорачува да отслужат молебен за оние што страдаат од болеста на пијанството или од зависност од дрога. Овој чин и Концепцијата на Руската Православна Црква за утврдување на трезвеноста и превенција на алкохолизмот биле одобрени со истата одлука на Светиот Синод. Во 2016 година, по предлог на Московската епархија, во богослужбата за Денот на трезвеноста беа вклучени прозби за оние што страдаат од болеста на пијанството и зависноста од дрога.
На седницата на Светиот Синод, која се одржа на 15 јули 2016 година под претседателство на Неговата Светост Патријархот московски и на сета Русија Кирил, биле одобрени следните прозби за оние што страдаат од болестите на пијанството и зависноста од дрога, на денот на споменот на Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител, за нивно вклучување во богослужбите:
- за да погледне милостиво на Своите слуги, кои со душата и телото страдаат од болестите на пијанството и зависноста од дрога, и да ги ослободи од смртоносните окови на страстите, на Господа да се помолиме.
- за да ги избави Своите страдални слуги од погубните страсти на пијанството и зависноста од дрога и да ги сочува во спасоносен страв и чистота, воздржание и правда, на Господа да се помолиме.
- за да им подари прибежиште кај Бога преку покајание и да ги оспособи да ги победат погубните страсти, та да бидат причасници на вечните блага, на Господа да се помолиме.
- за нивните сродници кои страдаат, и за Тој да ги прими нивните молитви и воздишки, на Господа да се помолиме.
- за да бидат избавени тие, а и ние, од секоја тага, гнев и неволја, на Господа да се помолиме.
Во современа Русија Денот на трезвеноста се одбележува секоја година од 2014 година. Празникот за првпат бил востановен од Светиот синод во 1913 година, а во 1914 година било донесено решение да се одбележува секоја година. Во Русија на овој ден биле затворани продавниците за вино и престанувала продажбата на алкохолни пијалаци. Во советскиот период традицијата на одбележување на Денот на трезвеноста била прекината и била обновена дури во 2014 година. Од 2015 година Денот на трезвеноста се одржува со поддршка на Министерството за здравство на Русија.
Датумот 11 септември не е избран случајно: на овој ден православните христијани го одбележуваат споменот на Отсекувањето на главата на свети Јован Крстител. Пророкот бил обезглавен од царот Ирод за време на пијана гозба. На овој ден се почитува строг пост.
Познато е дека многу светители ја следеле традицијата на целосно воздржување од употреба на алкохол. Меѓу нив се светителот Василиј Велики, светителот Јован Златоуст, преподобниот Сергиј Радонешки и преподобниот Александар Свирски.
Во моментов во Русија дејствуваат повеќе од 600 црковни организации и проекти за помош на зависниците и нивните сродници. Тоа се друштва и братства за трезвеност, амбулантски и советодавни програми, како и центри за рехабилитација, каде што со зависниците работат свештеници, психолози и стручњаци за зависности. Помош во овие центри можат да добијат зависници од алкохол, наркотични супстанции и коцкање.
На веб-страницата protrezvenie.ru („За трезност“) или преку телефонскиот број на бесплатната телефонска линија на Синодскиот оддел за црковна добротворност и социјално служење, може бесплатно да се добијат информации за центрите за рехабилитација, друштвата и групите за трезвеност на територијата на Русија, Белорусија и Казахстан.
