Во неделата попладне, на 1 ноември 2026 година, во храмот „Свети Димитриј“, посветен на заштитникот на градот Солун, беше отслужено чинодејствието на светото миро на светиот великомаченик Димитриј.
Со богослужбата началствуваше митрополитот Лаодикиски Теодорит од Цариградската Патријаршија, а сослужуваа митрополитот Тирски, Аморгоски и Островски Амфилохиј и митрополитот Солунски Филотеј, од Црквата на Грција.
На богослужбата молитвено присуствуваа и митрополитот Бриулски Пантелејмон од Цариградската Патријаршија и митрополитот Кесариски Теофилакт од Александриска Патријаршија. Учествуваа и бројни свештенослужители од Солунската митрополија, како и од други митрополии.
Долго пред почетокот на богослужбата, монументалниот храм на заштитникот на Солун беше исполнет со мноштво верници, не само од градот, туку и од различни краишта на Грција и од повеќе православни христијански земји.
При крајот на богослужбата, митрополитот Филотеј одржа проповед, во која говореше за светиот великомаченик Димитриј и за неговото чудесно присуство во градот Солун.
Истовремено, тој упати трогателни зборови за Пресвета Богородица и за нејзината света чудотворна икона од Аморгос, на која во изминатите денови ѝ се поклонија илјадници солунски верници, како и побожни христијани од многу краишта на Грција и од странство, особено од православните земји на Балканскиот Полуостров.
Потоа, митрополитот Филотеј упати срдечна благодарност до митрополитот Тирски Амфилохиј, со чиј благослов прочуената света икона на Пресвета Богородица Хозовиотиса беше донесена во Солун, во рамките на свеченостите посветени на заштитникот на градот, светиот великомаченик Димитриј Мироточив.
По завршувањето на богослужбата, митрополитот Филотеј, свештенослужителите и верниот народ ја испратија чудотворната света икона на Пресвета Богородица, која престојуваше во храмот на свети Димитриј од 14 октомври.
























