Под покровителство на Неговото Блаженство, Патријархот Ерусалимски и на цела Палестина и Јордан г.г. Теофил III, и во почесно присуство на г. Оливер Овцка, дипломатски претставник на Германија во Рамала, г-ѓа Читосе Ногучи, специјален претставник на заменик-директорот на Развојната програма на Обединетите нации, и г. Петрос Анагностарас, заменик-генерален конзул на Грција во Ерусалим, беше одржана свеченоста на осветување и отворање на новата централна сала на училиштето „Св. Димитриј“ на Ерусалимската патријаршија, во стариот дел на градот Ерусалим.
Проектот е финансиран од германската влада преку Германската развојна банка, а реализиран од Развојната програма на Обединетите нации, во рамки на втората фаза од Инвестициската програма за издржливост. Ова достигнување ја одразува заедничката заложба за зајакнување на издржливоста на локалната заедница и зачувување на социјалната кохезија во Источен Ерусалим.
Во своето обраќање, по отслужениот водосвет, Патријархот ја истакна великодушната поддршка од германската влада и улогата на развојната банка — не само во поткрепата на ова историско училиште, туку и во пошироката поддршка на издржливост на палестинскиот народ, особено на христијанското присуство, кое директно придонесува за зачувување на единството на социјалното ткиво на Светата Земја. Исто така, ја изрази својата благодарност кон Развојната програма на Обединетите нации за професионализмот и квалитетот со кои проектот беше спроведен.
Во знак на благодарност, директорот на училиштето, г. Аргис Аси, им подари благодарствени пригодни подароци на сите поддржувачи на проектот, како признание за нивниот дарежлив придонес, кој ќе ја зајакне способноста на училиштето да им служи на своите ученици и на пошироката заедница на Ерусалим.
Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/erga/ο-μακαριωτατοσ-προεξαρχει-των-εγκαιν/