Аризонската христијанска академија оваа есен ги отвора своите врати како прво православно христијанско основно училиште во областа Феникс, во Аризона, САД, нудејќи им на семејствата нова образовна можност што ги обединува високите академски стандарди со православното верско воспитание.
Училиштето ќе функционира во просториите на храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Скотсдејл, Аризона. Оваа година започнува како програма за ученици од градинка до трето одделение, со планови во иднина да прерасне во целосна академија од градинка до осмо одделение.
Наставата ќе се одвива според хибриден модел: учениците ќе посетуваат часови во училишните простории три дена неделно (од вторник до четврток), додека во понеделник и петок ќе учат од дома според наставни планови подготвени од училиштето.
„Сакавме модел во кој родителите ќе бидат активно вклучени, каде што Христос ќе биде во центарот и каде што на децата ќе им се дадат цврсти академски основи за да научат како да учат, а не само што да учат“, изјави основачот и директор на училиштето, Тина Канелос Џонс.
Таа додава дека при создавањето на училиштето се водела од желбата да изгради образовна средина во која би сакала и нејзиното дете да биде дел.
„Во Православието доаѓаат многу нови семејства, како и семејства кои се заинтересирани за православната вера. Аризонската христијанска академија постои за да им служи на семејствата што бараат православно христијанско образование засновано врз класични методи и високи академски стандарди“, истакна Џонс.
Класично образование втемелено во Православието
Аризонската христијанска академија ја комбинира методологијата на класичното образование со православните христијански вредности. За изучување на јазикот ќе се користи програмата „Спалдинг фонетика“, а по математика наставната програма „Сингапур математика“ кои се познати по развивањето на силни основни вештини кај учениците.
Според мисијата на училиштето, класичното образование ги учи учениците длабински да читаат, јасно да пишуваат и внимателно да расудуваат, наместо само да меморираат и повторуваат информации. Неговиот акцент врз доблеста и стремежот кон „вистинското, доброто и убавото“ природно се совпаѓа со православното христијанско образование.
Православната вера интегрирана во сите предмети
Наставата ќе започне на 1 септември, што се совпаѓа со почетокот на православната црковна година. Раководството на училиштето посветува особено внимание на вградувањето на православната вера во сите наставни предмети.
Во природните науки учениците ќе изучуваат градинарство додека истовремено ќе го запознаваат Божјото создание. На часовите по историја ќе се поврзуваат библиските наративи со историските настани, како што е изучувањето на Месопотамија заедно со приказната за Ное и ковчегот. Во наставата по јазик ќе се користат молитви, изреки на светителите и православни химни преку рецитирање и препишување.
Духовен советник на училиштето е отец Јаков Сејлор од храмот „Успение на Пресвета Богородица“. Секој училиштен ден ќе започнува со молитва, а во текот на годината ќе се организира и учество на учениците во богослужбениот живот на Црквата.
Пост и литургиски живот
Секоја среда ќе биде определена како ден на пост, при што ќе се служат исклучиво посни (вегански) оброци во согласност со православната традиција. Училиштето ќе го следи и православниот литургиски календар, со посебни оброци за време на Божикниот и Велигденскиот пост.
Мали паралелки
Аризонската христијанска академија ќе има најмногу 15 ученици во една училница. Тина Канелос Џонс, која има повеќе од дваесет години искуство во образованието и раководи со сопствен центар за дополнителна настава, нагласува дека малите паралелки и квалитетните наставници се двата најважни фактори за успехот на учениците.
Заинтересираните семејства можат да добијат повеќе информации преку веб-страницата на училиштето.

Извор: https://www.arizonachristian.com/ преку: https://orthochristian.com/177905.html
