На 3 февруари 2025 година, игуманијата на Пјутицкиот манастир „Успение Богородично“ во Естонија упати отворено писмо до Естонскиот парламент, во врска со притисоците од страна на државата врз овој манастир, за што во повеќе наврати известуваме. Во продолжение ова писмо го пренесуваме во целост.
Почитувани министри, почитуван претседателе на парламентот, почитувани членови на парламентот!
Ви се обраќаме по читањето на предлог-законот за измена на Законот за Црквите и парохиите на Естонската Република.
Нам ни е јасна целта на овој предлог-закон – да ја принуди Естонската православна црква – Московска патријаршија да ја смени својата јурисдикција и да премине под покровителство на Цариградската патријаршија. Нашите бројни објаснувања дека манастирот не може самоволно да иницира или да се откаже од јурисдикција, останаа неуслишени.
За правните аспекти на овој документ се грижат правници. Ние сме едноставни монахињи, никогаш не сме биле неискрени со властите, и сега ви го кажуваме истото – ние сме искрени во својата позиција и пред Бога, и пред луѓето.
Во 90-тите години манастирот целосно се откажа од целото својот имот, бескомпромисно и без никакви побарувања ѝ го предаде на државата, сè со цел да ја зачува духовната врска со Мајката-Црква. Секогаш ги исполнуваме условите од договорот што беше склучен во тоа време.
Несомнено Ви е јасно дека со усвојувањето на измените на Законот, вие го ставате манастирот вон Законот, оставајќи му избор: или промена на јурисдикцијата или присилна ликвидација – и вие прекрасно разбирате дека со Вашите постапки фактички го затворате манастирот. Дали навистина сакате да влезете во историјата како парламентарци кои насилно го прекинале постоењето на повеќе од стотина години стар православен женски манастир во Естонија?
Не можеме а да не се зачудиме од ставот на државата, која ја префрла одговорноста за оваа ситуација врз монахињите, правејќи нè одговорни за одлуките што ги носат политичарите. Ние се повлековме од светот, далеку сме од политичките проблеми, живееме надвор од политиката, служејќи Му на Бога со молитва и труд – а сега нè вовлекуваат во политика и нè обвинуваат за неподготвеност за дијалог.
Сакаме да потсетиме за историјата на многустрадалниот Јов од Стариот Завет, кој праведно живееше пред Бога, и Господ го сакаше, но непријателот на човечкиот род, завидувајќи му, рече дека Јов е праведен само затоа што Бог го сака и му дава сè. Ако сето тоа му се одземе, велеше, тој ќе почне да Го хули Бога. На тоа Господ му даде власт на ѓаволот да прави со Јов што сака, со единствен услов – да не ја допира неговата душа. Душата му припаѓа само на Бога. Размислете за ова…
Иницијаторите на овој законски предлог нè принудуваат да сториме канонски престап, оправдувајќи го тоа со наводна желба да го заштитат манастирот од проблеми. На ова ќе одговориме со зборовите на древниот мудрец Сократ: „Платон ми е пријател, но ВИСТИНАТА ми е подрага“.
На сите неправди што се вршат врз нашата Света и сакана обител, ние, монахињите, со смирение одговараме: БОГ ви е СУДИЈА!
Со почит,
Игуманија Филарета со сестрите
Извор: https://www.puhtitsa.ee/index.php?view=article&id=498:2025-02-03&catid=18
