Панхеленски конгрес на тема „Одговорноста на човештвото за лекувањето на општеството од човечкото ропство“

На 4 и 5 февруари 2025 година, во Централниот амфитеатар на Културниот центар „Елиникос Космос“ („Грчки свет“) во Атина, ќе се одржи панхеленски (сегрчки) конгрес со главна тема: „Одговорноста на човештвото за лекувањето на општеството од човечкото ропство – предлогот на Црквата. Од ропството на гревот до искупувањето на Воскресението“ – известуваат грчките црковни медиуми.

Конгресот ќе се одржи со благослов на Цариградската патријаршија и под покровителство на Светиот синод на Црквата на Грција. Соорганизатор е Архиепископија на Тиатир и Велика Британија на Цариградската патријаршија под претседателство на Архиепископот г. Никита, и Специјалната синодска комисија за пастирски прашања и состојби, под претседателство на Митрополитот на Илио, Ахарнес и Петруполи г. Атинагора од Црквата на Грција. 

Свеченото отворање ќе се одржи на 4 февруари, со обраќања од Цариградскиот патријарх г.г. Вартоломеј, Архиепископот Атински и на цела Грција г.г. Јероним, како и од Архиепископот Никита, Митрополитот Атинагора и претставници на Министерството за надворешни работи на Грција, на Европската комисија и на Грчката полиција.

Извор: https://www.orthodoxtimes.gr/panellinio-synedrio-me-thema-i-efthyni-tis-anthropotitas-gia-tin-therapeia-tis-koinonias-apo-tin-anthropini-douleia/