Бугарскиот Патријарх Даниил даде новогодишно интервју за првата програма на Бугарската Национална Телевизија, во кое говореше за повеќе актуелни теми.
Литургиски почеток на новата година
„На првиот ден на годината, во сите храмови во земјата се извршува света Литургија. Првиот возглас на светата Литургија е: ’Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух’, т.е. Црква го возвестува Божјото Царство на земјата и тоа дека ние живееме во тоа царство. Тоа што ми остави впечаток во црквата ’Св. Александар Невски’ каде што служев тој ден е дека имаше доста причасници, што кажува дека сите тие православни христијани, вечерта во 12 часот ја пречекале новата година со молитва и пост, затоа што за да се причести, православниот христијанин го запазува постот од 12 часот до другиот ден до самата причест… Нема ништо поголемо од тоа“ – го започна своето обраќање Патријархот Даниил.
Посетата на Цариградската Патријаршија и критиката кон Патријархот Вартоломеј
Понатаму, Патријархот беше запрашан за посетата на Цариградската Патријаршија во декември 2025 година. Тој објасни дека е тоа вообичаена мирна посета по избор на нов претстоител на Православна Црква и дека такви мирни посети направиле и неговите претходници на патријаршискиот престол на Бугарската Православна Црква. „Редно е такви мирни посети да започнат од првата во диптисите, првата по чест Православна катедра, а тоа е Константинополската катедра“ – објасни Патријархот.
Патријархот го повтори она што веќе беше објавено, дека пред посетата било договорено да нема никакво учество на клирици од ПЦУ (Православната Црква на Украина, чија автокефалија е доделена од Цариградската Патријаршија, но Бугарската Црква не ја признава) и Патријархот Вартоломеј се согласил на тоа.
„Во врска тоа што спомнавте дека порано сум го критикувал Патријархот Вартоломеј, при нашата средба јас му се извинив. Побарав прошка за едно писмо коешто 2019 година го испратив до редица архијереи на Православната Црква, скоро до сите Православни Цркви. Затоа што евангелскиот принцип е: ’Кога ќе згреши брат ти против тебе, искарај го на само’, јас му кажав: ’Извинете што не се обратив прво лично кон Вас, туку го испратив тоа писмо до толку архијереи, но тогаш бев Видински Митрополит, што можев да направам. Сметав и сметам дека тоа прашање е важно, од сеправославно значење’. Му реков: ’Јас ги поддржувам сите тези од тоа писмо што сум го испратил, затоа што тука се засегнати догматски теми, канонски теми, еклисиолошки теми’“ – истакна Патријархот Даниил.
Никој од нас не се поставува над Црквата, очекуваме соборно решение
„По тоа, прашањето за Православната Црква на Украина само се спомна како тема која постои, но со разбирање за нашето мислење и немаше поставено прашање да ја признаеме ПЦУ и да се произнесеме по тоа прашање. Тоа сметам дека е важен момент, затоа што никој од нас не се поставува над Црквата и го имаме тоа сфаќање дека за оние прашања по коишто имаме несогласувања, Црквата ќе даде одговор и разрешување“ – нагласи Неговата Светост.
Признавањето на автокефалијата на Македонската Православна Црква
„На 26 декември, на светата Литургија во црквата ’Св. Георгиј’ Патријархот Вартоломеј го спомна како еден од претстоителите на помесните Цркви, ’митрополит Епифаниј’ од Црквата на која тој ѝ даде томос за автокефалија.“
„Но, на другиот ден, во ’Св. Стефан’ каде што Бугарскиот Патријарх началствуваше на светата Литургија, таму го спомнавме архиепископот Стефан на Православната Црква во Северна Македонија. Бугарската Црква го признава автокефалниот статус на Македонската Православна Црква. И никој не направи проблем: ’зошто го спомнувате Архиепископот Стефан, кога нема томос од Вселенската Патријаршија, кога сè уште нема општо православно решение по тоа прашање’“ – изјави Патријархот Даниил.
Целото интервју може да се погледне на следната видео-снимка:

