Патријарх Ерусалимски Теофил: Подготвени сме да им понудиме секоја помош на нашите браќа и сестри во Естонија

На 10 април 2025 година, Светиот Синод на Руската православна црква издаде соопштение по повод усвоениот закон од страна на парламентот на Естонија, со кој се дискриминираат голем број верници во земјата и се укинува нивната слобода на вероисповед. Во истото соопштение Синодот побара од Неговата Светост, патријархот московски и на сета Рус Кирил, да упати апел до претстоителите на помесните Православни Цркви, до поглаварите на инославните цркви и меѓухристијански заедници, како и до челниците и претставниците на меѓународните организации.

Во одговорот упатен до Неговата Светост патријархот Кирил, кој го пренесува Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Неговото Блаженство патријарх на Светиот град Ерусалим и на цела Палестина, Теофил III, ја изрази својата загриженост поради усвоените амандмани во Естонија на законот за црквите и парохиите, чии што последици, според него, водат до фактичка забрана на Естонската православна христијанска црква, која е самоуправна црква во состав на Московската патријаршија.

„Внимателно ги следиме настаните во Естонија. Ние во Ерусалим длабоко разбираме што значат повредите на слободата на вероисповед,“ се вели во писмото на патријархот Теофил.

Усвојувањето на дискриминаторскиот закон од страна на Естонскиот парламент, според предстојателот на Ерусалимската православна црква, „ја нагласува итната потреба од единство меѓу нас, браќата-патријарси“. Тој додава:

„Веруваме дека дијалогот е единствениот пат до вистинскиот мир и обновувањето на единството меѓу сестринските Православни Цркви.“

„Подготвени сме да им понудиме на сите наши браќа и сестри во Естонија секоја помош што е во наша моќ,“ подвлекува патријарх Теофил.

„Се молиме да дојде денот, и тоа наскоро, кога нашата света Православна црква ќе пребива во полно единство,“ завршува тој.

Претходно, на 30 април, Ерусалимската патријаршија објави соопштение на својата официјална веб-страница во врска со усвојувањето на дискриминаторскиот закон во Естонија.

Извор: https://mospat.ru/ru/news/93240/