Патријарх Кирил Московски: Храмот на Христос Спасителот стана симбол на преродената Русија

На 19 август 2024 година се одбележуваат 24 години од големото осветување на Храмот на Христос Спасителот. По литургијата на празникот Преображение Господово, Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус, Кирил, се присети како во 90-тите години на минатиот век, со заедничка соработка на Црквата и властите на градот Москва, започна обновата на храмот.

„Денес, Храмот на Христос Спасителот стои во центарот на Москва како чудесен споменик. Споменик на тоа што дури и луѓето кои на прв поглед изгледаа оддалечени од верата, но поврзани со неа преку своето потекло, воспитување или припадност на нашиот народ, во еден момент ја осознаа неопходноста за обновата на храмовите во престолнината“, рече Неговата Светост.

„Тогаш му раскажав на тогашниот градоначалник Јуриј Михајлович Лужков за колосалниот недостаток на храмови во градот Москва, кој беше на едно од последните места во земјата според бројот на храмови по број на жители. Кога му ги претставив бројките, тој се ужасна. И му предложив да започнеме со изградба на нови храмови — најпрво двесте, а потоа колку што Бог ќе даде. Така и се појави програмата за изградба на 200 нови храмови“, продолжи Патријархот Кирил.

„Благодарен сум и на нашиот актуелен градоначалник С.С. Собјанин за тоа што ги исполни и продолжува да ги исполнува своите обврски, и денес веќе изградивме стотици храмови“, додаде Патријархот.

„Москва е единствениот мегалополис во светот каде што се градат православни храмови во ваков број. Ова сведочи и за верата на нашиот народ, и за тоа што претставува современа Русија. Кога низ целиот свет храмовите се затвораат, се претвораат во казина или ресторани, а кај нас храмовите се градат, се обновуваат и се полнат со народ, тоа е Божји знак, кој укажува на посебната Божја промисла над нашата земја и на посебната вера на нашиот народ. Зашто, по страшните гонења на верата, ние останавме живи — ние како Црква, како православен народ“, изјави Неговата Светост.

„И денес се радуваме на овој прекрасен храм, кој стана симбол на прероденото Православие, а во некоја смисла — и симбол на преродената Русија. Се радуваме на тоа што нашите храмови се полнат со народ. Но, треба секогаш да помниме дека ние сме уште на самиот почеток на патот“, додаде Патријархот.

„Треба да размислуваме за реалното воцрковување на нашиот народ — денес тоа е сè уште многу мал процент. Не треба да ја ограничуваме нашата проповед само на храмовите. Затоа инсистирам на тоа да имаме православни гимназии, училишта, и дека нашето свештенство треба да оди во универзитетите, колеџите, училиштата. Затоа што таму е младината, која дури не си претставува зошто треба да оди во храм. Но, кога ќе се сретне со умен, образован, спокоен и, најважно, љубезен свештеник, тие ќе размислат за потребата да одат во црква“, е уверен Патријархот.

„Говорам вака, драги мои владици, отци и браќа, за да секој од нас разбере: каде и да служиме, на кое место и да работиме како пастири, ние носиме огромна одговорност за нашиот народ. Не само за верниците кои доаѓаат кај нас — за целиот наш народ,“ нагласи Патријархот. „Затоа што ако не ние, тогаш кој? Руската Православна Црква е духовната мајка на народот. Ние пред Бога ја носиме оваа историска и, ако сакате, есхатолошка одговорност за нашата татковина и за нашиот народ.“

„Затоа сакам уште еднаш да ги проширите хоризонтите на вашето пастирско размислување, на вашиот пастирски фокус. Вие сте одговорни не само за оние што доаѓаат во вашите храмови, не само за воцрковените православни — иако за нив, секако, на прво место. Вие сте одговорни за целиот народ, барем за оној кој живее на територијата на вашата парохија или вашиот округ“, се обрати до свештенството Светејшиот Владика.

„Ако вакви задачи си поставиме пред себе, нашата дневна агенда ќе се промени значително. Ќе разбереме каде и зошто треба да одиме. Се разбира, многу веќе е направено, затоа им благодарам на Преосвештените викарни епископи, парохиските свештеници, настојателите и на сите оние што ги спроведуваат одредбите на Помесниот Собор и на Архијерејските Собори на Руската Црква, како и упатствата на Патријархот“, заврши Патријархот.

Извор: http://www.patriarchia.ru/db/text/6152302.html