Неговата Светост, Српскиот патријарх г. Порфириј на 7 јуни 2025 година, во храмот „Св, Симеон Мироточив“ во Нов Белград, изврши соборно крштевање на деца, ученици од основните училишта „Јован Дучиќ“ и „Васа Пелагиќ“.
– Драги деца, денес се радуваат и небото и земјата, затоа што вие преку Светиот Дух влеговте во прегратка со нашиот Господ Исус Христос, Кој отсекогаш ве прегрнувал и ве сакал. Ете, сега и вие, и сите ние, Го прегрнавме Него преку светата тајна на крштевањето, зашто денес се крстивте во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух – во името на Света Троица, во пресрет на празникот Слегување на Светиот Дух врз апостолите и учениците Негови. Денес Светиот Дух слезе врз вас. Неговата благодат ве осветли со вистинско и исправно осветување и просветлување, и ве воведе во вистинско и правилно образование – рече патријархот Порфириј, обраќајќи им се на новите членови на Црквата Божја, и додаде:
– Бидете најдобри што можете за Бога, и секогаш имајте ја на ум Божјата љубов и Неговата прегратка. Таа љубов значи и дека ние се трудиме да ги прегрнеме оние што нè прегрнуваат. Љубовта бара да направите сè што можете за да бидете добри пред Бога – читајќи го Светото Евангелие и трудејќи се да го исполнувате тоа што е напишано во него. Но, исто така, бидете добри и кон оние кои ви значат: мама, тато, браќа, сестри, другари, пријатели, соседи… но и кон сите луѓе со кои се среќавате. Кога ќе го правите тоа, тогаш ќе бидете најдобри и за себеси. Зошто? Затоа што ќе имате радост во срцето и во душата. Ќе имате мир – а тоа е најважното од сè. И да знаете: секогаш кога не сте радосни, треба да се запрашате дали нешто не сте направиле како што треба. Ако имате немир во душата, погледнете во себе – затоа што тоа е знак дека нешто не е како што треба. Кога ќе се трудиме да правиме сè како што Бог сака од нас и како што сакаме другите да постапуваат со нас – тогаш ќе бидеме радосни и мирни.
– Ви честитам и, ако даде Бог, утре на празникот на Света Троица – Духовден – да се причестите со Телото и Крвта Христови, и да знаете: целта кон која треба да тежнеете во животот е секогаш да бидете во прегратка со Бога. Тоа значи да се причестувате, да бидете во единство со Него, да Го прегрнувате Него како што Тој ве прегрнува вас – и кога тоа ќе го направите, ќе можете да ги прегрнете сите и сè, и ќе имате прегратка колку што ви е потребна. Честитам и нека ве благослови Господ – заврши Патријархот Порфириј.
На Патријархот му сослужуваа: Преосвештениот епископ новобрдски г. Иларион, архимандрит Данило – старешина на храмот на „Св. Симеон Мироточив“, и свештенството од Архиепископијата белградско-карловачка. На свечениот момент на раѓање нови христијани, покрај родителите и блиските, молитвено присуствуваа и директорот, педагогот и вероучителите од овие основни училишта.
