Патријарх Порфириј: пет години на тронот на Српската Православна Црква

На денешен ден се навршуваат точно пет години од изборот и воведувањето во должност на Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј како претстоител на Српската Православна Црква.

Потекло, образование и рани години

Патријархот Порфириј е роден во 1961 година во Бечеј, Војводина. Основно училиште завршил во Чуруг, а гимназија во Нови Сад во 1980 година. По завршувањето на средното образование, ги започнал студиите на Богословскиот факултет на Српската православна црква во Белград, каде што дипломирал во 1987 година.

Неговата посветеност на теологијата продолжува со постдипломски студии на Богословскиот факултет на Универзитетот во Атина. Таму престојувал од 1987 до 1990 година, каде што покрај теолошкото усовршување, го совладал и грчкиот јазик. Подоцна, во 2004 година, на истиот факултет, ја одбранил својата докторска дисертација на тема: „Можноста за познание на Бога кај апостол Павле според толкувањето на Свети Јован Златоуст“.

Монашки и игуменски подвиг

Својот монашки пат тој го започнува во манастирот Високи Дечани, на Косово и Метохија, каде што во 1986 година е замонашен од неговиот духовен отец, тогашниот јеромонах Иринеј (Буловиќ). Во 1987 година е ракоположен во чин јероѓакон од тогашниот епископ Рашко-призренски Павле, подоцнежниот патријарх српски.

Подоцна, во 1990 година, е ракоположен за јеромонах од епископот Бачки Иринеј, и поставен за игумен на манастирот „Свети Архангели“ во Ковиљ, Војводина. Под негова управа, манастирот доживува целосна духовна и материјална обнова. Порфириј стана препознатлив по формирањето на терапевтската заедница „Земја на живите“ во 2005 година, проект наменет за рехабилитација на млади луѓе кои се борат со болести на зависност, кој и денес успешно функционира низ цела Србија.

Епископска и митрополитска служба

Светиот архиерејски собор на Српската Православна Црква, на своето редовно заседание на 14 мај 1999 година, го избира игуменот Порфириј за епископ Јегарски, како викар на епископот Бачки. Ракоположен е истата година од патријархот Павле. Како викарен епископ, покрај духовните обврски, тој презема и општествени задолженија, па од 2005 до 2014 година е претседател на Советот на Републичката радиодифузна агенција во Србија.

Од 2004 година на Православниот богословски факултет во Белград е професор по предметите „Пастирско богословие со психологија“ и „Теологија на Новиот Завет“ и др.

Светиот архијерејски собор во 2010 година му го доверува втемелувањето на свештеничката служба во војската на Србија.

На мајското заседание на Светиот архијерејски собор во 2014 година, епископот Порфириј е избран за митрополит Загрепско-љубљански. За време на неговата служба во Хрватска и Словенија, тој се фокусираше на одржување дијалог со Римокатоличката црква и хрватската држава, како и на обнова на црковниот живот на српската заедница во овие земји по конфликтите од деведесеттите години.

Избор за Патријарх

По смртта на патријархот Иринеј, Светиот архиерејски собор на 18 февруари 2021 година го избра митрополитот Порфириј за претстоител на Српската православна црква. Неговиот избор беше извршен преку „апостолската ждрепка“ – метод каде имињата на тројцата кандидати со најмногу гласови се ставаат во пликови, а еден од нив се извлекува од страна на монах. Свеченото воведување во тронот беше извршено на 19 февруари 2021 година во Соборната црква во Белград.

Решавање на спорот со Македонската Православна Црква

Веројатно најзначајниот настан во досегашното управување на патријархот Порфириј е решавањето на долгогодишниот спор со Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија. Врз основа на актот на Македонската Православна Црква во последната канонска состојба, на 19 мај 2022 година во соборниот храм „Св. Сава“ во Белград беше отслужена Литургија на помирување, каде што сослужуваа Патријархот Порфириј и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

На следното заедничко сослужување, на 24 мај истата година, во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на празникот на св. Кирил и Методиј, Патријархот Порфириј јавно ја објави одлуката на Соборот на Српската Православна Црква за благословување на автокефалниот статус на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Официјалниот Томос за автокефалност Патријархот Порфириј му го предаде на Архиепископот Стефан на заедничкото сослужување во Белград на 5 јуни 2022 година.