Патријарх Руски Кирил: Интернет мисионерство да не биде пречка за учество во црковно-парохискиот живот

На 16 октомври 2025 година, Светејшиот Патријарх Московски и на сета Русија Кирил, обраќајќи се со поздравен збор до делегатите на 11 Меѓународен фестивал „Вера и слово“, кои се собраа во соборниот храм „Христос Спасител“ во Москва, ги повика свештенослужителите што вршат мисионерска дејност во интернет-просторот да се замислат дали не прават нешто што би можело да ги наведе нивните читатели и слушатели да мислат „дека непринуденото дружење со свештеник на социјалните мрежи е исто што и духовен живот“.

„Просторот на социјалните мрежи не треба да се претвора во дигитална клетка, во свет кој создава пречка за учество во реалниот црковно-парохиски живот, за учество во Светите Тајни на Црквата“, предупреди Светејшиот Патријарх Кирил.

Обраќајќи се до свештенослужителите кои ја вршат својата мисија во интернетот, Патријархот повторно ги повика да се замислат дали не прават нешто што би можело да ги наведе нивните читатели и слушатели да мислат „дека непринуденото дружење со свештеник во социјалните медиуми е духовен живот“.

„Тоа е опасна илузија што нè вовлекува во логиката на самодоволноста на виртуелниот свет, во чувството дека е доволна заменската комуникација преку дигитален посредник“, додаде Светејшиот Патријарх Кирил.

„Понекогаш може да се чини дека сведоштвото за Христа не може да пробие низ густите џунгли на лагата и полувистината што во изобилство ги создаваат современите информативни средства,“ забележа Светејшиот Владика. Сепак, според неговите зборови, тоа не е така. „Зашто ‘Словото Божјо е живо и дејствено и поостро од секој меч со две острици’ (Евр. 4:12)“, потсети Патријархот на зборовите од Посланието до Евреите на апостолот Павле.

„Треба да се размисли дека сејачот го сее словото (Мк. 4, 14) — и не само што го сее, па си заминува од нивата… Сејачот на Божјото слово треба да внимава што се случува со тоа семе: дали е примено од почвата, дали има сила за раст, дали расте и дали носи плод. Со други зборови, сејачот на Божјото слово треба да го следи растот и развојот на тоа семе сè до собирањето на плодовите, по кои се познава и ефективноста на трудот на самиот сејач“, рече Поглаварот.

„Се разбира, треба да сееме со свесност за особена одговорност, со пастирска претпазливост и во исто време со пастирска смелост. Така што семето навистина да може да донесе плод — плод на вистински духовен живот за сите што го примаат тоа слово,“ продолжи Светејшиот Владика.

„Од сè срце сакам на сите учесници на меѓународниот фестивал ‘Вера и слово’ Божја помош во нивниот живот, во нивното служење и трудови, кои денес, заедно со пастирското служење, имаат големо значење — значење поврзано со најважното: со можноста човекот да ја најде Божјата вистина, а преку тоа и своето спасение,“ заврши Светејшиот Патријарх Кирил.

Извор: https://www.patriarchia.ru/article/117786