Во пресрет на Петербуршкиот меѓународен економски форум, Светејшиот Патријарх Московски и на сета Рус г.г. Кирил во интервју за „Комерсант“ говореше за борбата против корупцијата.
Според претстоителот на Руската Православна Црква, корупцијата претставува „еден од најопасните фактори што го попречуваат економскиот развој“, а нејзината суштина е „не законска, туку најчесто криминална употреба на материјалните средства со цел лично богатење“.
„Неправедната добивка е грев, што произлегува од користољубие и суета“, нагласи Светејшиот Патријарх. „Овој грев е осуден од Црквата, и тука има многу значајни зборови од Светото Писмо: ‘Зашто каква полза е за човекот ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ наштети?’ (Мк. 8, 36). Тоа значи дека душата е повредна од сите богатства на светот, а оние што се стремат да собираат земни богатства по секоја цена, едноставно не ја знаат вистинската вредност на она што им е дадено од раѓање“, додаде Поглаварот на Руската Црква.
Притоа, според мислењето на Светејшиот Патријарх Кирил, Црквата може да влијае на општествените процеси не директно, туку само преку христијанската проповед, „преобразувајќи го мислењето и однесувањето на луѓето“.