На 4 јуни 2025 година, на празникот на светиот Јован Владимир, храмот што го носи неговото име во белградската населба Медакиќ ја прослави својата слава.
По тој повод, Неговата Светост Српскиот Патријарх Порфириј отслужи света архиерејска Литургија, со сослужение со Преосвештените викарни епископи: Липљански Доситеј и Моравички Тихон. Во својата беседа на прочитаното евангелско зачало, неговата светост Патријархот Порфириј, меѓу другото, рече:
„За нас христијаните, примарни, најважни и единствени правила што се определувачки, а и судбински, се правилата запишани во Евангелието и откриени од Господа, а кои ги живеат Божјите светители и Христовата Црква низ своето искуство низ вековите. Тие правила се многу едноставни – тоа се Божјите заповеди, а Божјите заповеди не се наредби, туку насоки, односно не се наредби што ја ограничуваат нашата слобода, нашата здрава природа, нашиот нормален начин на постоење… Значи, Божјите заповеди се израз на Неговата љубов кон нас, тие се помошни средства. Затоа секој друг закон, без разлика од кого доаѓа, ние го проверуваме според Божјиот закон; секој друг збор, без разлика кој го изговара, го проверуваме според Христовиот збор, евангелскиот збор, зборот на Црквата. И ако тој збор се вклопува во зборот на Евангелието, во зборот на Црквата, тогаш тој е прифатлив за нас, а ако е спротивен на зборот на Евангелието, односно на зборот на Црквата – тогаш најмалку што можеме да кажеме е дека не нè интересира, не нè засега.“
„Господ дојде и ја основа Својата Црква, и таа не е од овој свет, но е во овој свет за да биде вечен знак, да биде огледало, да го преобразува овој свет преку нашата вера и Божјата благодат, благодатта на Светиот Дух, која се остварува преку светата Христова Црква во овој свет и го преобразува светот. Значи, Црквата постои за ние да се спасуваме и таа да го преобразува светот, а не за да се сообразува со светот, не за да му подлегнува на светот, не за да му се додворува, не за да очекува аплаузи и пофалби од овој свет, туку за да го љуби светот, да го љуби целото Божјо создание и да го повикува во Христовото Царство, кое не е од овој свет, но е присутно во овој свет.“