Патријарх Српски Порфириј: Нека мирот и љубовта во нас и меѓу нас биде наша непоколеблива животна програма и цел

По повод Денот на сеќавање на жртвите од НАТО агресијата врз СР Југославија, Неговата Светост Патријархот српски г. Порфириј на 24 март 2025 година на аеродромот „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“, во Батајница, одржа помен за загинатите во бомбардирањето пред 26 години.

Во својата беседа на поменот, Патријархот Порфириј, помеѓу останатото, рече:

„Крвавиот бомбардерски пир што беше извршен врз нашата татковина, за Србија да не ја дочека новиот век и милениум во мир, ги разоткри и нашите лица и лицата на нашите тирани. Но, како крстен народ, тој злосторнички чин нè врати кон себеси, кон Бога и кон ближниот како вредности што не смеат да бидат доведени во прашање.

И вечерва, токму тие заповеди за љубовта ги повикуваме во нашите срца. Господ нè повикува сите да бидеме едно – да си простуваме, да бараме прошка, да го гледаме во ближниот ликот Божји.

Покајанието треба да биде нашиот пат и наш избор, зашто тоа е приближување кон Бога и кон ближниот, преобразба без која нема избавување. Покајанието значи да ги насочиме своите срца кон доброто, убавината, милосрдието, смирението, кротоста, благородноста, радоста, секоја доблест, љубовта и мирот како Богоблагословена смисла на животот.

Затоа, нека мирот и љубовта во нас и меѓу нас бидат наша непоколеблива животна програма и цел.“

Бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија започна на 24 март 1999 година. Вршени се напади врз воени цели, но и врз стопански и цивилни објекти. Во нападите што траеја 78 дена без прекин, тешко се оштетени бројни инфраструктурни објекти, стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Бројот на цивилни жртви според некои проценки е од 1.200 до 4.000. Бомбардирањето беше без согласност на Советот за безбедност на Обединетите Нации.

Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//13596.patrijarh-porfirije-neka-mir-i-ljubav-u-nama-i-medu-nama-budu-nas-nepokolebivi-zivotni-program-i-cilj.html