На централното одбележување на Денот на сеќавање на жртвите од операцијата „Олуја“, одржано на 4 август 2026 година во Мркоњиќ Град, Босна и Херцеговина, патријархот повика на молитвено и достоинствено сеќавање на српските страдалници, како и на зачувување на мирот, слогата и единството на српскиот народ. Операцијата „Олуја беше голема воено-полициска операција на хрватските вооружени сили и полиција, изведена од 4 до 7 август 1995 година за време на војната во Хрватска (1991–1995). За време на и по операцијата, според различни извори, околу 200.000–250.000 Срби го напуштиле подрачјето, во најголем дел бегајќи кон Босна и Србија.
Во својата беседа нагласи дека споменот на трагедијата не смее да се претвори во омраза, туку треба да биде поттик за враќање кон верата, корените и вредностите врз кои почива народот.
„Од година во година се собираме на различни места за молитвено да ги спомнеме невино постраданите во страшниот прогон на нашиот народ од неговите вековни огништа, наречен ‘Олуја’, и да ги прегрнеме сите кои и денес ја носат раната од тоа невидено прогонство на европско тло во дваесеттиот век“, рече патријархот Порфириј.
Тој потсети дека болката поради страдањата сè уште е жива и дека изминатото време не ја намалува обврската жртвите да бидат запаметени. Посебно ги спомена жртвите на Петровачкиот пат, каде што во бегалската колона кон спасението загинале невини луѓе, старци, жени и деца.
Патријархот истакна дека молитвата е најдлабокиот и најдостоинствениот облик на сеќавање, бидејќи, како што рече, ја чува вистината, но истовремено го ослободува срцето од омразата што повторно го врзува човекот за злото.
„Молитвата пред Божјото лице ја вознесува и болката на жртвата, но и раната на оној што памети.“
Говорејќи за луѓето кои во 1995 година ги напуштиле своите вековни огништа, патријархот Порфириј рече дека, иако останале без своите домови и татковина, во себе ја носеле верата дека Господ не ги оставил и надежта дека злото нема да го има последниот збор.
Потсетувајќи на зборовите на светиот апостол Павле, тој рече: „Во сè трпиме неволји, но не сме скршени; збунети сме, но не очајуваме; прогонувани, но не сме оставени; соборени, но не сме уништени.“
Според патријархот, страдањата од минатото треба да го вратат српскиот народ кон неговите корени, кон Бога и едни кон други. Токму преку сеќавањето на жртвите, како што истакна, народот треба подлабоко да ги разбере Христовите зборови: „Љуби го својот ближен како себеси“, но и „Љубете ги своите непријатели“.
„И вечерва заповедта за љубов ја повикуваме и во нашето сеќавање и во нашите срца“, порача патријархот, додавајќи дека човекот тешко може да го сака својот противник и непријател, но дека Христовата заповед на секого му го покажува патот и го повикува на постојан подвиг за очистување на срцето од себичност и самодоволност.
Патријархот Порфириј предупреди и на опасноста од поделби во сопствениот народ. Како што рече, не смее да се дозволи ближниот да стане туѓинец, братот да стане противник, а различностите да бидат повод за непријателство.
„Не смееме да дозволиме омразата кон ближниот, односно меѓусебната омраза, да стане прифатлив начин на живот“, истакна тој.
Тој нагласи дека заповедта за љубов има конкретна содржина и започнува од семејството – од родителите, децата, браќата и сестрите – а потоа се проширува кон соседите, колегите, сограѓаните и сопствениот народ.
„Само сакајќи ги своите, сакајќи го својот народ, стануваме способни да ги сакаме и другите, да ги сакаме туѓите и да ги почитуваме другите луѓе и другите народи“, порача патријархот Порфириј.
Тој особено повика на надминување на поделбите и тесните интереси, нагласувајќи дека е неопходно, во духот на христијанската и православната соборност, да се сочуваат единството и слогата.
Потсетувајќи на зборовите на светиот апостол Павле упатени до Коринтјаните, патријархот порача дека меѓу луѓето не треба да има раздор, туку дека е неопходно да се простува и да се бара прошка, да се отвори срцето едни кон други и да се разбере дека секој човек е драгоцен.
„Повикани сме да ги чуваме мирот и слогата меѓу себе, но и во мир, взаемна почит и добрососедство да живееме со сите луѓе и народи со кои го делиме овој благословен простор“, истакна патријархот.
Говорејќи за значењето на историското паметење, патријархот Порфириј го наведе примерот на еврејскиот народ, кој четириесет години талкал низ пустината и преку тоа искуство учел да го памети својот Завет и својата сила да ја бара во верноста кон Бога.
Според неговите зборови, народот не пропаѓа најдлабоко тогаш кога ќе остане без земја и дом, туку кога ќе заборави кој е, кому припаѓа, која е неговата цел и врз каков завет е втемелен.
„Паметејќи ги своите страдалници и своите родни места, ние паметиме кои сме, чии сме и кому припаѓаме. А му припаѓаме на Христос, на Неговата Црква, едни на други, на светосавскиот православен српски народ“, рече патријархот. Тој нагласи дека сеќавањето на страдалниците не е само поглед кон минатото, туку и начин да се зачува идентитетот на народот и свеста за неговите корени.
На крајот од беседата, патријархот Порфириј се помоли за сите што пострадаа во августовските денови од 1995 година, како и за сите што ги напуштија своите вековни огништа и тргнаа по патот на прогонството. Тој повика споменот на жртвите да се чува без омраза и желба за одмазда, потсетувајќи на молитвените зборови на блаженоупокоениот патријарх Павле: „омразата да ѝ отстапи место на љубовта, немирот – на мирот, а жалоста – на радоста“.
„Нека е вечен споменот на сите наши браќа и сестри кои невино пострадаа во страшниот прогон од своите вековни огништа, во прогонот наречен ‘Олуја’“, порача патријархот Порфириј на крајот од својата беседа во Мркоњиќ Град.







Извор: https://spc.rs/sr/news/aktuelno//17429.pozvani-smo-da-cuvamo-mir-i-slogu-medu-sobom,-ali-i-da-u-miru-i-postovanju-zivimo-sa-svim-narodima-sa-kojima-delimo-ovaj-blagosloveni-prostor.html преку: https://savezpn.rs/news/90082-patriarkh-u-mrkoi-hradu-seae-na-zhrtve-ne-sme-nas-vezati-za-mrzhu-
