Патријарх Вартоломеј: Целта на дијалогот со Римокатолиците е да се причестуваме од ист Путир

Поглаварот на Цариградската патријаршија, патријархот Вартоломеј, изјави дека крајната цел на екуменскиот дијалог со Римокатоличката црква е заедничко служење на Литургијата и причестување од една Чаша. Тој го изјави ова во документарниот филм „Вартоломеј, Вселенски патријарх“, што го сними грчката радио-телевизиска компанија ЕРТ по повод 35-годишнината од неговото патријаршко служење.

По повод годишнината од изборот на папата Лав XIV, патријархот Вартоломеј учествуваше на католичка миса во Истанбул и повика на обновување на единството со Римокатоличката црква.

„Во моментов разговараме за Filioque и за непогрешливоста на папата и се надеваме дека со текот на годините, пред сè, со благодатта на Светиот Дух, ќе стигнеме таму каде што се стремиме: до посакуваното единство, до заедничката Чаша, како што велеше мојот претходник, блаженоупокоениот патријарх Атинагора, за да можеме заедно да служиме Литургија и да се причестуваме од една Света Чаша“, изјави Цариградскиот патријарх.

Тој изрази уверување дека „еден ден Господ ќе благоволи да го достигнеме посакуваното единство што го имавме во првиот милениум и повторно да имаме општење во верата и во Светите Тајни“.

Патријархот Вартоломеј одговори и на оние што сметаат дека меѓухристијанскиот дијалог е бесмислен.

„Мнозина погрешно ги разбираат целта и духот на овие дијалози меѓу разделените христијани и велат дека тоа е луксуз и дека од нив нема да произлезе ништо. Дали ќе произлезе нешто и кога ќе се случи тоа не зависи од луѓето, туку од Божјата промисла. Негова волја е: ‘сите да бидат едно’“, истакна тој.

Според зборовите на поглаварот на Цариградската патријаршија, Православната црква, „која верува дека го продолжува преданието на неподелената Црква“, веќе „до одредена мера влијаела“ врз Римокатоличката црква во однос на соборноста.

Во филмот се потсетува и дека патријархот Вартоломеј бил првиот православен поглавар по 1054 година кој присуствувал на интронизација на римски папа. Тоа се случило во 2013 година, на востоличувањето на папата Франциск.

Споменатиот документарен филм може да се погледне на следната видео снимка.