Цариградскиот Патријарх Вартоломеј за единството со Римокатоличката Црква

Цариградскиот Патријарх Вартоломеј на 9 мај 2026 година, во римокатоличкиот храм „Свет Дух“ во Истанбул, присуствуваше на мисата отслужена по повод првата годишнина од изборот на Римскиот папа Лав XIV, при што одржа пригодно слово на англиски јазик.

Во своето обраќање, помеѓу останатото, тој рече:

„Гледајќи наназад кон изминатата година, можеме само да Му благодариме на Бога за продлабочувањето на зближувањето што продолжува да ги вдахновува нашите две сестрински Цркви — Рим и Константинопол. Овој неповратен пат, кој започна во 1964 година со пророчката средба меѓу папата Павле VI и Вселенскиот Патријарх Атинагора, длабоко го обликуваше патот на помирувањето по кој продолжуваме да чекориме со надеж, доверба и истрајност во Бога. Многуте пресвртници поставени од нашите претходници на овој пат на љубовта и вистината создадоа жива свест за заеднички повик и заедничка судбина, која и денес го поддржува и вдохновува нашиот дијалог.“

Осврнувајќи се на неодамнешната посета на Римскиот папа Лав на Турција и заедничкото прославување на јубилејот 1700 години од Првиот Вселенски Собор во Никеја и на патроналниот празник на Цариградската Патријаршија, светиот апостол Андреј Првоповикан, тој истакна:

„Ова заедничко чествување претставува момент од длабоко црковно и духовно значење за односите меѓу Католичката и Православната Црква. Враќајќи се заедно кон самиот извор на нивната заедничка вера — исповедањето на единосуштноста на Синот со Отецот — ние сведочиме за едно единство кое, иако рането низ историјата, никогаш не било целосно изгубено. Овој чин на заедничко сеќавање не е само гест на историска побожност, туку длабоко богословска потврда дека Никејскиот Символ на верата останува живо сврзувачко ткиво на заедништвото, повикувајќи ги двете Цркви повторно да се препознаат една со друга во вистината што веќе ја споделуваат.

Во таа смисла, Никеја не е само спомен, туку и хоризонт: точка на духовна ориентација од која патот кон обновувањето на целосното заедништво може повторно да се согледа.“

Извор: https://ec-patr.org/14/05/17/42/his-all-holiness-ecumenical-patriarch-bartholomew-homily-holy-mass-pro-pontifice-may-9-2026/