Патријархот Даниел поттикнува поблиски врски меѓу науката и духовноста во служење на човештвото

По повод конференцијата „Романска традиција и континуитет: 100 години Романска патријаршија, 70 години ’Антибиотиче Јаши’“, која се одржа во Патријаршиската палата во Букурешт, патријархот Даниел ја нагласи потребата од поблиска соработка меѓу науката и духовноста во мисијата за грижа и лекување на луѓето.

Говорејќи за долгогодишната посветеност на Црквата на духовното и физичкото здравје, патријархот ја пофали работата на „Антибиотиче АД Јаши“, водечка романска фармацевтска компанија која годинава го слави својот 70-годишен јубилеј. Тој го истакна дведецениското партнерство меѓу Црквата и компанијата како модел за конструктивна соработка.

Во продолжение следува целосната порака на патријархот Даниел.


Традицијата и Континуитетот во служба на човековото здравје

Со двемилениумска христијанска традиција, Романската православна црква денес ја исполнува својата мисија за осветување и служење со институционално достоинство на Патријаршија, која бележи стогодишнина во заедничарењето на соборното Православие.

Осветителниот и исцелителниот повик на Црквата, негуван низ вековите како сведоштво, служба и живот во духот на Евангелието на нашиот Господ Исус Христос, го опфаќа целото човечко битие кое е создадено според Божјиот образ – и телото и душата. Св. апостол Павле за привремената состојба на човекот во светот зборува со надеж, од перспектива на вечноста:

„Затоа ние не паѓаме со духот; но, ако нашиот надворешен човек тлее, внатрешниот од ден на ден се подновува. Зашто нашите сегашни лесни страдања ни донесуваат во голема изобилност вечна и полна слава, имајќи го предвид не видливото, туку невидливото, бидејќи видливото е времено, а невидливото – вечно.“ (2 Кор 4, 16-5, 1)

Од духовна перспектива, приоритет во животот на христијанинот е заедницата во љубов со вечно живиот Бог, а оваа заедница ги вклучува грижата за здравјето и осветувањето на телото како „храм на Светиот Дух“ (1 Кор 6, 19).

Затоа, препознавајќи ги многуте исцелувања што ги извршил Исус Христос – телесните и духовните – и потсетувајќи се на вистината што Тој ја кажал, дека „на болните им треба лекар“ (Мк 2, 14), Црквата секогаш била блиску до оние што страдаат. Духовните средства за лекување на душата и телото се комбинирани со методите и процедурите на медицинските науки, специфични за различни епохи.

Доследна на вистинските учења на верата и нејзините добротворни и образовни традиции, Романската православна црква денес развива своја мрежа на социјални и медицински институции, останувајќи отворена за соработка и партнерство со државните институции и невладините организации кои се фокусирани на здравствената заштита.

Поминаа повеќе од две децении откако Црквата воспостави солидна соработка со Антибиотиче АД Јаши, поттикнувајќи ја врската помеѓу науката и духовноста во служба на луѓето. Со среќна случајност, оваа реномирана фармацевтска компанија во 2025 година слави 70 години.

Годината 1955-та, кога е основана фабриката во Јаши, е од духовно значење и за нашата Црква, бидејќи е година во која е објавена канонизација на неколку романски светители и година на општонародно проширување на култот на Света Параскева од Јаши, заштитничката на Молдавија.

Достигнувањата на повеќе генерации експерти и работници во Антибиотиче АД Јаши – постигнати со посветеност, упорност и креативност – се признати на национално и меѓународно ниво заради нивното позитивно влијание врз лекувањето на болестите и обновувањето на здравјето.

Конференцијата „Романска традиција и континуитет: 100 години Романска патријаршија, 70 години ’Антибиотиче’ Јаши“ денес ги собира клирот и експертите од медицинската и фармацевтската област. Со овој настан, уште еднаш сведочиме за важноста на заедничкото работење за физичката и духовната благосостојба на нашиот народ.

Топло му честитаме на г-дин Јоан Нани, директор на Антибиотиче АД Јаши, и на сите негови колеги во оваа година на биланс и прославување. Се молиме на нашиот Господ Исус Христос, Исцелителот на душите и телата, на сите вас да ви подари здравје, креативност и сила за нови достигнувања во благородната дејност на фармацевтското истражување и производство според принципот „наука и душа“.

† Даниел,
Патријарх на Романската православна црква

Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-science-spirituality-health/