На 22 јуни 2026 година Блаженејшиот Теофил III, Патријарх на Светиот Град Ерусалим и на цела Палестина и Јордан, и Кардиналот Пјербатиста Пицабала, Латински Патријарх во Ерусалим, пристигнаа во Газа во пастирска посета, придружувани од Неговата Екселенција д-р Јозеф Д. Блоц, Голем болничар на Суверениот воен Малтешки ред и други претставници на меѓународната хуманитарна организација на Малтешкиот ред.
Посетата ја изразува пастирската одговорност на Ерусалимските Цркви кон локалните црковни заедници и кон целокупното население на Газа, каде што семејствата и понатаму поднесуваат тешки искушенија на хуманитарен план, живеејќи во страв, загуба и неизвесност. Присуството на Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски Теофил III и на Неговото Блаженство кардиналот Пјербатиста Пицабала ја пренесува молитвата на Ерусалим кон ранетите верници во Газа и кон сите што страдаат, како служение на утеха, милосрдие и постојано христијанско сведоштво, втемелено врз словото на Светото Евангелие и врз светата мисија на Светиот Град – известува интернет страницата на Ерусалимската Патријаршија.
За време на нивниот престој, двајцата поглавари ќе се сретнат со клирици, монаси и верски заедници, со локални христијански семејства и со луѓе погодени од тековната хуманитарна криза. Преку молитва, лични средби и пастирско присуство, тие настојуваат да понудат духовна поткрепа, утеха и надеж среде длабоката болка.


Извор: https://jerusalem-patriarchate.info/arthrografia/ο-πατριαρχης-ιεροσολυμων-θεοφιλος-κα/
