Патријархот на Светиот град Ерусалим и на цела Палестина Теофил III на 15 септември годинава го прими митрополитот Санктпетербуршки и Ладошки Варсонуфиј и група руски поклоници. Средбата се одржа во малата престолна сала на Ерусалимската Патријаршија, соопштува Руската духовна мисија во Ерусалим.
На средбата учествуваа и претставници на Ерусалимската и Санктпетербуршката епархија, началникот на Руската духовна мисија, архимандрит Васијан (Змеев), епископот Нарвски и Причудски Лазар, професори и студенти на Санктпетербуршката духовна академија, како и поклоници од Русија и Естонија.
Обраќајќи им се на гостите, Патријархот Теофил го истакна особeното значење на Ерусалим за христијаните. Според неговите зборови, Светата Земја останува место на единство на православните верници, независно од нивната националност и култура.
„Ерусалимската Црква Му благодари на Господа и се моли да се воспостави мир и да престанат војните“, рече Патријархот. Тој исто така истакна дека Црквата е повикана да им помага на луѓето да ги надминат духовните искушенија.
Митрополитот Варсонуфиј му пренесе на Патријархот Теофил поздрав од Патријархот московски и на цела Русија Кирил и му се заблагодари за гостопримството. Според зборовите на поглаварот на Санктпетербуршката митрополија, поклоништвото се одвива со благослов на рускиот Патријарх.
Варсонуфиј исто така ја истакна важноста на молитвата за мир во услови на конфликти и црковни несогласувања што продолжуваат. Тој го нарече Теофил еден од оние кои се залагаат за единство на православните Цркви и ги поддржуваат мировните иницијативи.
На крајот од средбата, страните разменија подароци. Митрополитот Варсонуфиј му предаде на Патријархот Теофил богослужбени предмети, икона на светиот апостол и евангелист Јован Богослов и пригоден подарок од Санкт Петербург. Ерусалимскиот Патријарх, пак, им подари на архијереите напрестолни крстови, а на поклониците — мали икони на Ерусалимската Божја Мајка.
