Многустраната миротворна служба на Патријаршијата Ерусалимска во период на интензивни геополитички кризи на Блискиот Исток ја пофали Архиепископот Атински и на цела Грција Јероним за време на средбата што на 8 јуни 2026 година се одржа во Атинската Архиепископија со Патријархот Ерусалимски Теофил, испраќајќи истовремено јасни пораки за потребата од сеопшто-православно единство. „Помесните сестрински Православни Цркви, во едномислие и слога со Сесветата Вселенска Патријаршија, првопрестолната и првопочесната Црква, согласно канонската традиција и установите на Вселенските Собори на Православието, сме повикани да служиме и да го чуваме единството на месните Цркви, да го олеснуваме дијалогот и да придонесуваме кон заедничкото сведоштво на Православната Црква пред големите прашања на нашето време“, истакна Архиепископот, и нагласи: „Неодамнешната законодавна иницијатива на Владата на Грција, во соработка со Црквата на Грција, за клириците кои служат во заедниците на дијаспората претставува особено значаен развој. Станува збор за дејство кое фактички го признава пресудниот придонес на парохиското свештенство во зачувувањето на духовниот живот на заедниците во странство, во негувањето на православната свест и во чувањето на нераскинливите врски на секаде распространетиот елинизам со татковината и неговата традиција“.
Од своја страна Патријархот Ерусалимски му се заблагодари на Неговото Блаженство за топлиот прием и нагласи дека Црквата на Грција претставува животворна сила за целото Православие, и истакна дека таа била, е и ќе биде хранителка не само на Патријаршијата Ерусалимска, туку и на сите Православни Цркви и Патријаршии. Исто така му се заблагодари на Архиепископот за интересот кон Светиот Гроб и Светите Поклонички места преку доделување стипендии. „За нас Црквата на Грција е хранителка на Православните Цркви и Патријаршии, бидејќи од нејзините пазуви произлегле Патријарси, архијереи, теолози и духовни отци, кои ја поддржувале и продолжуваат да ја поддржуваат сведоштвото на Православието до краиштата на вселената. Во годините на Вашата првојерархиска служба, Блаженејши, покажавте црковен дух, разумност и постојана грижа за правилно сфатените интереси на Црквата, преземајќи го товарот на одговорноста со расудливост, кроткост и посветеност на нејзината мисија“, истакна Патријархот и додаде: „Дозволете ни да изразиме искрена благодарност за покажаниот интерес кон Светиот Гроб, односно кон Светите Поклонички места и кон нашето Христоименито арапофоно стадо, преку доделување стипендии, како и за поддршката кон нашиот овдешен Егзарх, Преподобниот Архимандрит Јероним“ – известува интернет страницата на Црквата на Грција.



Извор: https://www.ecclesiagreece.gr/epikairotita/main_epikairotita_next.php?id=4023
