На 7 јануари 2025 година, Неговата Светост Патријархот српски г.г. Порфириј ја благослови Божиќната трпеза и ручаше заедно со бездомниците и корисниците на услугите на Црковната народна кујна во просториите на Верското добротворно старателство во Белград.
– Сите ние сме само слаби луѓе, сите сме слаби и немоќни без разлика дали некој има во овој минлив свет позиција, некое место или мисли дека има значење, слава, пари и моќ. Сето тоа е суштински краткотрајно и ништо не значи. Она што е суштина и основа е дали сме разбрале дека Бог нè сака и дека е секогаш со нас, дали сме разбрале дека не е потребно многу, туку само едно „Господи помилуј“, едно смирено „Господи помогни“ или „Господи просветли ја мојата темнина“, па да сфатиме дека, без оглед на тоа каде сме и што сме, можеме да почувствуваме дека сме во Божјите раце, дека сме опфатени со Неговата љубов и дека токму сега, овде, можеме да имаме мир, радост и убавина. Сето тоа не зависи од надворешното, од она што луѓето го сметаат за важно, туку од тоа дали сме ја виделе и разбрале Божјата љубов и дали сакаме да ѝ одговориме.
Во самиот збор „богатство“ постои Бог. Тоа значи дека богат е оној кој разбира дека Бог е со него. Бог е присутен во секој, бидејќи секој е Божји, но тоа дали сме Божји зависи од тоа дали го разбираме тоа и дали сакаме да го најдеме Бога во она што е вистинско, а не во она каде што Бог не постои – порача Патријархот, обраќајќи им се на своите гости на ручекот, нагласувајќи:
– Божиќ е прекрасен празник. Божиќ е ден кога треба да се фокусираме на настанот кој го славиме. Замислете каква е Божјата љубов и кој е нашиот Бог, кога Тој стана еден од нас и од самото раѓање прифати да биде одбиен, прогонуван и да страда, за да учествува во сето она низ кое минуваме како луѓе. Тој го направи тоа за да нè изведе во свет каде што нема ни болка, ни страв, ни воздишки, ни плач, ни тага, туку само радост. Затоа, без оглед на тоа колку е тешко, какви искушенија и напори се потребни и какви неволи треба да издржиме, важно е никогаш да не Го оставиме Бога, никогаш да не Го оставиме Христа, никогаш да не Го заборавиме и да се потрудиме Тој да ни биде најважен.