На почетокот на учебната 2024-2025 година, Неговото Блаженство Патријархот Романски г.г. Даниел упати порака со благослов и поттик до студентите и професорите на универзитетите низ Романија. Во својата порака тој ја истакна важноста на соработката меѓу Црквата и Универзитетот, поттикнувајќи подлабок дијалог меѓу теологијата и науката. Тој истакна дека ова може да помогне да се формира социјална етика која ги негува духовните и образовните вредности. Патријархот Даниел ја истакна улогата на професорите во обликувањето на интелектуалниот и духовниот раст на студентите, споредувајќи ја нивната работа со параболата за сејачот. Тој повика на интегративно образование, кое им помага на младите да придонесат за Црквата и за општеството.
Во продолжение во целост ја пренесуваме неговата порака.
Образованието на младите е света мисија и општествена соодговорност.
На почетокот на академската 2024-2025 година, упатуваме порака со благослов до сите студенти и професори во високото и постдипломското образование, посакувајќи им изобилна Божја помош во нивните студии, истражувања, и продлабочување на духовните и на научните вредности. Црквата и Универзитетот се повикани повторно да ја откријат радоста на дијалогот меѓу теологијата и науката, не само за да се надминат сите вештачки или очигледни разлики, туку особено за да соработуваат во формирањето на социјалната етика која придонесува за зачувување и промовирање на автентичните и трајни образовни вредности.
Овие две репрезентативни институции на романското општество можат да ја продлабочат својата соработка за да формираат млади луѓе, кои пак, треба да ги негуваат вредностите на верата и христијанската култура: љубовта кон луѓето и кон природата – Божјото создание, христијанската солидарност, пријателството, почитта кон Семејството, Црквата, Училиштето и Нацијата и дијалогот со другите народи. Затоа, духовното и образовно дело за водење и поддршка на младите мора да биде просветлено со уверувањето дека сите млади луѓе се благослов од Бога за Семејството, Црквата и Општеството.
На почетокот на секоја учебна година, Господ Исус Христос преку параболата за сејачот ни открива дека постои сила и во семето и во почвата каде што се сее: „земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот“ (Мк 4, 26-28). Слично, во длабочините на човечката душа постои сила која расте и се просветлува преку семето на Божјото слово. Затоа, наставниците се повикани да ги обликуваат и негуваат душите на учениците, помагајќи им да растат интелектуално, духовно, професионално и општествено. Христијанското образование има за цел да го поттикне духовниот раст на младите, следејќи го примерот на Господ Исус Христос: „Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него“ (Лк 2, 40).
Романската Патријаршија, преку проекти ориентирани кон младите (Меѓународни православни младински средби, активности на Здружението на романски христијански православни студенти – A.S.C.O.R., Националната катихетска програма „Христос споделен со децата“, едукативниот проект „Избери го Училиштето!“, младински кампови , поклонички патувања за студенти и разни социјални, хуманитарни и културно-образовни проекти), го охрабрува и поддржува повторното поврзување на младите во жива, исповедничка и молитвена заедница во тешките времиња за телото и за душата.
Светиот синод на Романската православна црква ја прогласи 2024 г. за Година на пастирска грижа и помош на болните, нагласувајќи ја важноста на здравјето како дар од Бога во контекст на вреднување и осветување на животот.
Прифаќањето на идентитетот на другиот, градењето и одбраната на христијанското семејство, воспитувањето на децата со вечните вредности, воспитувањето на младите во духот на христијанската вера, соединувањето на слободата со одговорноста – ова се тековните приоритети. Овие аспекти ја истакнуваат важноста на интегративното образование за младите луѓе, со цел нивно духовно и практично формирање преку нивното учествување и придонесување за животот на Црквата и романското општество. По повод новата учебна 2024-2025 година, Го молиме Милостивиот Бог, Изворот на животот и мудроста, да ги благослови сите ученици, професори и родители со многу плодни години!
Со голема почит и татковски благослов,
†Даниел, Патријарх на Романската православна црква.
Извор: https://basilica.ro/en/patriarch-daniel-blessing-2024-academic-year/