Патријархот Српски Порфириј во посета на Руската Православна Црква

Делегација на Српската Православна Црква, предводена од Неговата Светост, Српскиот Патријарх Порфириј на 21 април пристигна во посета на Руската Православна Црква во Москва.

Во придружба на поглаварот на Српската Православна Црква се и Архиепископот новосадски и Митрополит бачки г. Иринеј, игуменот на манастирот Ковиљ архимандрит Харитон, шефот на Кабинетот на Српскиот Патријарх протојереј Ѓорѓе Стојисављевиќ.

На аеродромот Шереметјево, почитуваните гости беа пречекани од претседателот на Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија, Митрополитот волоколамски г. Антониј, и амбасадорот на Србија во Руската Федерација, Момчило Бабиќ.

На 22 август во Патријаршиската и Синодалната резиденција во Даниловскиот манастир во Москва, Патријархот Порфириј оствари средба со Поглаварот на Руската Православна Црква, Неговата Светост Патријарх Московски и на сета Рус Кирил.

Патријархот Кирил, изразувајќи братско добредојде, истакна дека меѓу двете Цркви никогаш немало дури ни случајна сенка на недоразбирање, туку дека секогаш владееле љубов, разбирање и поддршка. Тој нагласи дека заедничкото историско искуство – особено страдањата во 20. век – ги обединува двете Цркви во нивната мисија кон современиот човек, кој е често изложен на лажни идеали и материјализам.

Патријархот Порфириј се заблагодари за срдечниот прием и го истакна Воскресението Христово како постојан извор на надеж, сила и победа над секое искушение. Тој рече дека односите меѓу двете Цркви се пример за сите православни христијани и му посака здравје и Божја помош на Патријархот Кирил и на целото руско православно паство.

Разговорите ги опфатија и темите за општото православно единство, меѓуцрковните односи и предизвиците со кои се соочува современиот човек.

Подоцна во истиот ден, во Московскиот Кремљ, Рускиот Патријарх Кирил и Српскиот Патријарх Порфириј се сретнаа со Претседателот на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин. На средбата учествуваа и претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, Митрополитот Волоколамски Антониј, и Архиепископот новосадски и Митрополит бачки Иринеј.

Предвидено е посетата да трае до 25 април, а во текот на престојот на Патријархот Порфириј во Москва, врз основа на одлуката на академскиот колегиум на Московската духовна академија, ќе му биде врачена почесна титула „Доктор на богословски науки (honoris causa)“, за неговиот научен и образовен придонес во развојот на богословската наука и за јакнењето на врските помеѓу двете сестрински Цркви.

Двајцата патријарси ќе служат Божествена Литургија на 25 април 2025 година во храмот на Успението на Пресвета Богородица во Троице-Сергијевата Лавра.

Следуваат видео снимки од двете средби.

Извор: https://www.patriarchia.ru/db/text/6206477.html