Неговото блаженство Теофил III, Ерусалимски патријарх и Неговото блаженство кардиналот Пјербатиста Пицабала, Латински патријарх во Ерусалим, утрово започнаа пастирска и хуманитарна посета на појасот Газа, во придружба на висока христијанска делегација. Посетата има за цел непосредно следење на состојбата на своите верници, кои повеќе од дваесет и еден месец трпат немилосрдна хуманитарна катастрофа, и директно надгледување на напорите за помош од црквите за поддршка на опстојот на оние што во Газа ги загубија своите домови, безбедноста и пристапот до лекови. Оваа посета претставува живо олицетворение на единството на Црквата пред лицето на продлабочувањето на човечкото страдање во појасот Газа.
Неговото Блаженство Пјербатиста Пицабала, Латински патријарх во Ерусалим, исто така, ја посетува Газа придружувајќи го својот брат во Христа, патријархот Теофил III, во силен израз на црковно единство и братска солидарност пред лицето на сè подлабокото страдање на луѓето во појасот Газа.
Оваа посета е по повторните напади врз христијанските свети места во Газа: бомбардирањето на Баптистичката болница на 17 октомври 2023 година; нападот врз црквата „Свети Порфириј“ на 19 октомври 2023 година; нападот со пукање од огнено оружје врз верниците во Црквата на Светото Семејство, на 16 декември 2023 година; и неодамна, израелското бомбардирање на истата црква на 16 јули 2025 година, во кое загинаа три лица, а други деветмина беа повредени – еден критично и двајца сериозно, притоа полесно беше повреден и парохискиот свештеник, отец Габриел Романели. Нападот, исто така, предизвика значителна штета на парохискиот комплекс и многу лица со посебни потреби лиши од пристап до незаменлива медицинска опрема за спасување на живот.
Мора да се напомне дека ова последно бомбардирање се случи помалку од четириесет и осум часови откако Нивните блаженства, патријархот Теофил III и патријархот Пјербатиста Пицабала, заедно со апостолскиот нунциј, архиепископот Адолфо Тито Илана и во придружба на висока делегација на црковни водачи во Ерусалим, го посетија христијанскиот град Тајбе на западниот брег, источно од Рамала. Посетата беше одговор на низата злосторнички напади извршени од израелските доселенички формации под заштита на израелската армија, вклучително и осквернувањето на христијанските гробишта и историската црква во градот. Делегацијата ја придружуваа дипломатски претставници од дваесетина земји, меѓу кои од Јордан, Русија, Кина, Европската Унија, Јапонија и од Канада.
Заради хуманитарната катастрофа во Газа, Неговото Блаженство Патријархот Теофил III повика на итен, сеопфатен и траен прекин на огнот. Тој ја повика меѓународната заедница да ги преземе своите етички и хуманитарни одговорности кон невините цивили кои сѐ уште плаќаат неподнослива цена во безмилосната војна.
Неговото Блаженство Теофил III потврди дека Православната Црква, обврзана од својата непоколеблива вера, останува цврста со својата света мисија – во време на војна да биде присутна духовно и човечно. Таквото присуство, рече тој, е религиозна и морална обврска што нема да биде напуштена. Делото на Црквата меѓу ранетите, ожалостените и раселените е директно продолжение на учењата на нашиот Господ Исус Христос, Кој нè повикува на милост, придружување и служење на сите луѓе, без дискриминација.
Како што изјави Неговото Блаженство: „Каде што изобилува страдањето, таму мора да постои и наша одговорност. Ние не доаѓаме од далеку; ние сме од оваа земја, од нејзините таги, од нејзиниот народ и од нејзината истрајност. Црквата е тука да придружува, да лекува и да ја разгори надежта во срцата притиснати под тежината на ова континуирано разорно злосторство.“
