Во сабота, на 30 ноември 2024 година, Цариградската патријаршија го одбележа споменот на светиот Андреј Првоповикан, со Божествена Литургија, на која началствуваше Неговата Светост Патријархот г.г. Вартоломеј. На Литургијата сослужуваа и архијереите: Макариј Анеонски, Теодорит Лаодикијски, Никодим од Касандриски, Атинагора Белгиски, Варнава на Неаполис и Ставруполис, Паисиј на Лерос, Калимнос и Астипалеас, Натанаил од Кос и Нисија, Теоклит Јерисоски, Илија од Оулу, Даниел од Акра, Јаков Ирски, и Епифаниј од Мантинеја и Кинурија.
На Божествената Литургија присуствуваше и делегација од Римокатоличката Црква, предводена од Неговата Еминенција кардинал Курт Кох, претседател на Римската Дикастерија за промовирање на единството на Христијаните.
На Литургијата исто така присуствуваа: заменикот-министер за образование г-ѓа Зета Макри – како претставник на грчката влада, поранешните премиери на Бугарија – господата Николај Денков и Кирил Петков, амбасадорот г. Константинос Кутрас – Генерален конзул на Грција во Истанбул, генералните конзули на Украина – г. Роман Недилски и на Молдавија – г. Сержу Гурдуза, свештеници, монаси и монахињи, претставници на христијански заедници во Истанбул, игуменот на Римокатоличкиот манастир Панонхалма од Унгарија – г. Кирил Хортобаги со повеќечлена делегација, архонти на Големата Црква Христова, предводени од претседателот на нивното братство „Света Богородица Памакаристос“, г. Атанасиј Мартин – архонт егзарх, професори и ученици од грчки училишта во Цариград и верници од Турција и од странство.
По отпустот, Цариградскиот патријарх ѝ се обрати на официјалната делегација на Римокатоличката црква и, меѓу другото, кажа:
„Црквата на Стариот Рим сериозно размислуваше во изминатите три години за своето мисионерство во светот кој е загрозен од секуларизација, војни, злоставувања, сиромаштија, климатска криза и сите видови проблеми. Во текот на три години, Црквата на Рим го проучуваше начинот на кој ќе стане повеќе соборна во своето мисионерско служење. Со особен интерес ги следевме работите на редовното генерално собрание на епископите на Римокатоличката црква, во изминатата и во тековната година. По љубезна покана од Папата Франциск, Црквата на Константинопол го определи Негово Преосвештенство Митрополитот Писидиски господин Јов, кој нè извести за работата на ова историско собрание. Убедени сме дека овој обид за спроведување на еклисиолошкото учење на Вториот Ватикански концил беше плодоносен и ќе придонесе за понатамошно зближување на нашите сестрински цркви.
Во оваа перспектива, со радост забележуваме дека работата на Меѓународната мешовита комисија за теолошки дијалог помеѓу нашите две цркви напредува и постигнува разрешување и надминување на недоразбирањата и несогласувањата од минатото. Желба на Нашата смиреност е целосно информирање на нашите епархиски свештеници, свештенство и верници за овие резултати, со цел да учествуваат во ‘дијалогот на животот’ и да владее радоста на вистинското братство во Христа.
Во оваа насока секако придонесува и ‘екуменизмот на светиите’, на кој во минатото опширно се осврна и Вашето сакано Преосвештенство, истакнувајќи дека ’екуменизмот на светиите е одлична можност за дијалог помеѓу црквите […], бидејќи поклонувањето на моштите може да им помогне на верниците активно да се вклучат во дијалогот. Навистина е убаво да се сретнат поглаварите на црквите, но исто така важно е и телото на верниците да прави исто’. Овие мудри зборови ги паметиме, Преосвештени, помнејќи ја длабоката трогнатост која ја доживеавме пред точно дваесет години, кога заедно со почитуваната епархиска јерархија на Сесветиот Вселенски Престол, со должното почитување и целосна свеченост, ги примивме светите мошти на нашите свети претходници Григориј Богослов и Јован Златоуст, архиепископи на Константинопол, кои беа вратени во татковината по осум цели векови престој во Рим. Денес, славејќи ја оваа историска годишнина, со благодарност го паметиме името на блажениот Папа Јован Павле Втори, кој само неколку месеци пред неговото упокојување во Господа донесе историска одлука да одговори позитивно на барањето на Нашата смиреност да се вратат светите мошти на овие два големи вселенски учители во нивното седиште. Овој симболичен гест одлучувачки придонесе за отстранување на историските неправди, за градење атмосфера на доверба и за понатамошно зацврстување на врските помеѓу нашите две сестрински цркви и воопшто претставуваше значаен момент во унапредувањето на христијанското единство.“
Во поглед на прославата следната година на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, Патријархот Вартоломеј рече:
„Во овој дух, сакаме да нагласиме, како што истакна и неодамнешниот Собор на епископите на вашата Црква, дека следната 2025 година ќе ја означи 1700-годишнината од одржувањето на Првиот вселенски собор во Никеја. Овој монументален настан навистина треба да биде можност за сите нас да ја исповедаме нашата вера во отеловотворениот Бог. Се молиме ова да биде и можност да работиме заедно за да го одредиме, во согласност со одлуката на Првиот вселенски собор, начинот на прослава на славното Воскресение на нашиот Господ на заеднички датум, како што според Божјата промисла треба да се случи следната година, и да дадеме заедничко сведоштво за тајната на спасението во целиот свет. Со овие мисли, очекуваме да го пречекаме нашиот љубен брат во Христа, Папата Франциск, следната пролет овде и да ја прославиме заедно оваа годишнина која е толку значајна за христијанското единство.“
Патријархот Вартоломеј побара од Негово Преосвештенство кардиналот Кох да ги пренесе „личните поздрави на Нашата смиреност и изразот на длабока благодарност до Негата Светост Папата Франциск, и нашата молитва Господ Бог да го чува здрав и добро, за да продолжи со виталната и возвишена мисија.“
Подоцна, попладнето, кардиналот Кох прочита топло братско писмо од Римскиот Папа Франциск, напишано на англиски јазик, во кое, меѓу другото, во врска со годишнината на 1700 години од Првиот вселенски собор, вели дека веќе неколку пати изразил желба да може да ја прослави оваа година заедно со Патријархот и изразува благодарност до сите кои веќе започнале да работат за да го направат тоа можно. „Оваа годишнина ќе се однесува не само на древните престоли кои активно учествуваа на Соборот, туку и на сите христијани кои продолжуваат да ја исповедаат својата вера со Никео-Цариградскиот символ на верата. Сеќавањето на овој значаен настан секако ќе ги зајакне постојните врски и ќе ги охрабри сите цркви да ја обноват својата мисија во денешниот свет. Живото братство и сведоштвото на христијаните исто така ќе бидат порака до нашиот свет кој е погоден од војна и насилство. Во оваа рамка, со радост ја придружувам мојата молитва за мир во Украина, Палестина, Израел и Либан, и во сите оние области каде што се водат она што често го нарекувам ’фрагментирана светска војна’.“
Извор: https://fosfanariou.gr/index.php/2024/12/01/throniki-giorti-sto-fanari-2024/