Цариградскиот патријарх Вартоломеј, началствуваше во петокот, на 6 декември 2024 година, на богослужбата за празникот на свети Николај Мирликиски, според новиот календар, во храмот „Св. Никола“ во Истанбул, којшто е отстапен за потребите на украинското говорно население – пренесува грчкиот црковен портал „Ортодоксиа.инфо“.
Во своето обраќање, Патријархот Вартоломеј меѓу другото изјави:
„Длабоко се радуваме затоа што и сегашниот Папа има исто расположение како и неговите непосредни претходници, од Павле VI до Бенедикт XVI, за големото прашање на ’обединувањето на сите’, за кое нашата Света Црква непрестајно се моли. Бидејќи во наредната година датумот на прославата на празникот на празниците, Светата Пахса – Велигден, среќно се совпаѓа за Источното и Западното христијанство, сметаме дека ни се дава златна можност да постигнеме договор со братот Франциск за трајно воведување на прославата на Велигден од страна на Православната и Римокатоличката Црква на истиот ден и во годините што следат, во согласност со канонот на нашата Црква. Оптимисти сме дека и Англиканската Црква и останатите протестантски деноминации ќе го прифатат со задоволство овој договор.“
„Како што поголемиот дел од Православните Цркви годишно го прославуваат големиот господов празник Божиќ на 25 декември, истиот датум со Римокатоличката Црква, како што Римокатоличките заедници во Грција го следат Православниот канон за определување на Велигден за да го прославуваат заедно со своите православни браќа, како што во Финска веќе години наназад датумот на Велигден е заеднички за сите Христијани во земјата, истото предлагаме да се воведе на сехристијанско ниво, врз основа на начинот на определување на Велигден од страна на Православната Црква.“
Во своето обраќање, Патријархот Вартоломеј не се осврна на оние верници кои го следат јулијанскиот т.н. стар календар, а кои се мнозинство во православниот свет.
„Веруваме дека не постои подобар начин да ги почитуваме Отците на Првиот вселенски собор во Никеја, кои меѓу другото го уредија и прашањето за заедничка прослава на Велигден. Навистина е тажно 1700 години подоцна сè уште да дискутираме за ова прашање”.
„Не е возможно и е неприфатливо и денес, на почетокот на 21-от век, да живееме со фанатизам, малодушност и предрасуди. Нашиот Бог е Бог на љубовта. И ако се направени грешки во минатото, тоа не значи дека ние треба да ги продолжиме”.
Понатаму, Патријархот Вартоломеј се осврна и на состојбата во Украина и Русија и истакна:
„Внимание на Мајка Црква ма Константинопол се простира и кон верниот и тешко искушуван народ на Украина, кој речиси три години доживува ужасите на една одвратна војна од страна на Руската Федерација. Претстојниот празник на Божиќ, денот првенствено на објавата на ’мирот на земјата’, треба да ги активира сите за конечно завршување на војната со праведен и одржлив мир за Украина.“
„Непрестано се молиме за брзо и целосно враќање на здравјето на повредените и за покој на душите на жртвите и олеснување на семејствата и во Украина и во Русија. Денес упатуваме посебни молби до свети Никола за сите оние руски свештеници и верници кои ги поддржуваат измачените православни браќа во Украина и трпат сурови прогони и затворања, токму затоа што го кренаа гласот против нечовечката политика на претседателот Путин и антихристијанската проповед на патријархот Кирил. Нека нивниот пример ја разбуди совеста внатре и надвор од нивната земја”.
Извор: https://orthodoxia.info/news/skliri-apantisi-vartholomaioy-stin-a/