На 23 февруари 2025 година, месопусната недела, Цариградскиот патријарх Вартоломеј беше молитвено присутен на Литургијата во храмот „Св. Никола“, во Истанбул. По Литургијата беше отслужен помен за „Украинците кои го изгубија животот штитејќи ги независноста и територијалниот интегритет на татковината“.
По завршувањето на богослужбата, Патријархот Вартоломеј пред присутните, меѓу кои беа Митрополитот на Јанина г. Максим од Црквата на Грција, пратеници од грчкиот парламент, Конзулот на Украина и верници Украинци, изрече беседа на англиски јазик во која нагласи дека „суверенитетот на Украина не е предмет на расправа, ниту може да биде жртвуван под маската на дипломатијата“.
Патријархот Вартоломеј изрази поддршка за претседателот Зеленски и побара Украина да биде вклучена како рамноправен учесник во преговорите за мир.
„Додека продолжуваме да Го молиме нашиот Господ да ги води лидерите кон пронаоѓање на мирот, препознаваме дека вистинскиот мир не може да биде наложен со сила или надворешни влијанија. Овој процес мора да ја вклучи Украина како рамноправен учесник, да го потврди нејзиното право на постоење без страв и да донесе исцеление на земјата разорена од војна. Ги признаваме неуморните напори на претседателот Зеленски за одбрана и заштита на суверенитетот и интегритетот на Украина“ – истакна Патријархот Вартоломеј.
„Војната во Украина не е само конфликт меѓу нации; тоа е морален испит за Европа и целиот свет. Таа бара избор меѓу вистината и измамата, меѓу правдата и угнетувањето. Одлуките што ќе бидат донесени денес ќе ја обликуваат историјата“ – додаде тој.
Претходниот ден, на 22 февруари, Патријархот Вартоломеј го прими поранешниот Претседател на Македонија, Стево Пендаровски. Официјалната инернет страница на Патријаршијата објави дека „за време на нивната средба имаа можност да разговараат за прашања од заеднички интерес“. На средбата присуствуваа и Митрополитот Халкидонски Емануил и Архимандритот г. Аетиј, Шеф на Кабинетот на Патријархот.

Извор: https://ec-patr.org/ο-πρώην-πρόεδρος-της-δημοκρατίας-της/
