Цариградскиот Патријарх Вартоломеј на 14 септември 2026 година пристигна на еднонеделна посета на Велика Британија.
На 15 септември тој присуствуваше на светата Литургија во соборниот храм на Божјата Премудрост во Лондон каде што својот именден го прослави Архиепископот Тијатирски и Великобритански Никита. Во своето обраќање Патријархот Вартоломеј упати топли честитки до архиепископот изразувајќи го своето признание за делото што го извршува оваа Архиепископија.
Посебен момент од одбележувањето беше доделувањето на одликувањето „Архонт“ на Панajотис Гикас, ортопедски хирург.
По повод именденот, беше приреден свечен ручек на кој присуствуваа архијереи од други Православни Цркви, претставници на ориенталните и на други христијански традиции, како и верски водачи и претставници на различни верски заедници во Лондон. Меѓу присутните, покрај другите, беа претставници на Римокатоличката Црква и на Англиканската Црква, претставници на еврејската заедница, сунитски и шиитски верски претставници, како и дипломати, пратеници, архонти на Вселенскиот Престол и други поканети гости.
Во својот поздрав, Патријархот се осврна на симболичното значење на средбата, нарекувајќи ја трпезата „микрокосмос“ на мултикултурното и мултирелигиското општество на Лондон.
Во рамките на својот поздрав, Патријархот Вартоломеј се осврна и на односите на Архиепископијата Тијатирска и Велика Британија со Англиканската Црква. Истовремено, се осврна и на текот на дијалогот со Римокатоличката Црква, истакнувајќи дека „стремежот кон единство на христијаните претставува трајно црковно прашање“.
Најавено е дека за време на еднонеделниот престој во Велика Британија, Патријархот Вартоломеј ќе има средба во четири очи со Неговото Височество Кралот на Обединетото Кралство, Чарлс III, во замокот Балморал, во Шкотска.
Исто така, ќе го посети Светиот Патријаршиски и Ставропигијален манастир „Свети Јован Крстител“ во Есекс, каде што ќе присуствува на Божествената Литургија во недела, 20 септември.




Извор: https://adologala.gr/2026/09/oikoumenikos-patriarchis-vartholomaios-londino-archiepiskopos-nikitas/
