Патријархот Вартоломеј за заедничката прослава на Велигден и за зближувањето со Римокатолиците

Неговата Светост Патријархот Цариградски г.г. Вартоломеј, во петок, на 13 декември 2024 година, во своето официјално обраќање на отворањето на Меѓународната „Конференција за светската политика“, што се одржа во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, се осврна на претстојниот јубилеј од 1700 години од Првиот Вселенски Собор во Никеја, кој ќе се одбележи во следната 2025 година.

По повод претстојниот Велигден во 2025 година, кој поради календарската коинциденција сите христијани ќе го прослават на ист датум, Патријархот Вартоломеј потсети дека прашањето за утврдување на денот на празнување на Велигден било решено токму на Соборот во Никеја. Ова го оцени како значаен чекор кон надминување на старите конфликти и ја истакна својата покана, како и на Цариградската Патријаршија, до Римокатоличката Црква и до Папата Франциск „да се вратат на Јулијанскиот календар за заедничко пресметување на Велигден“. 

Патријархот додаде дека, знаејќи дека Црквата е Телото Христово, „оваа реалистична предлог-програма претставува јасен пат кон единство“, и нагласи дека заедничкото празнување може да ги зајакне меѓусебното разбирање и важните дијалози меѓу христијанските традиции. „Заедничкото празнување на Христовото Воскресение ни помага да го препознаеме заедничкото минато и да продолжиме кон идно единство. Овој заеднички празник ќе ни помогне да ги надминеме другите разлики, покажувајќи дека заедничката вера нè поттикнува да ги надминеме старите поделби и да соработуваме за слава на Бога“, рече Патријархот. 

На отворањето на конференцијата учествуваа и нејзината Екселенција Нура Ал Кааби, министерка за државни прашања на Обединетите Арапски Емирати, Неговата Екселенција Тиемоко Мејлиет Коне, потпретседател на Брегот на Слоновата Коска, како и г. Тиери де Монбриал, основач и претседател на Францускиот институт за меѓународни односи и основач и генерален директор на оваа конференција.

Извор: https://ec-patr.org/ ο-οικουμενικός-πατριάρχης-στο-world-policy-conference-2/