На 2 јули во Бачковскиот манастир на Бугарската Православна Црква беше отворен Бугарско-грузискиот духовно-културен центар и беше отслужена света архијерејска Литургија, на којашто началствуваше Патријархот Бугарски, Неговата Светост г.г. Даниил.
Заедно со неговата светост сослужуваа: митрополитот на Гори и Атини Андреј од Грузиската Православна Црква, настојателот на Бачковскиот манастир, епископот на Велички Сиониј, Браницкиот епископ Јован и свештенослужители на Бугарската и Грузиската Црква. Во богослужбата учествуваше и хорот на катедралниот храм во Гори.
Митрополитот Андрија го прочита писмото од католикос-патријархот на цела Грузија, посветено на отворањето на бугарско-грузискиот духовно-културен центар, и во името на неговата светост врачи спомен-подароци на бугарскиот патријарх Даниил, на епископот Сиониј Велички, и на г. Давид Коблианиѕе.
Од своја страна, епископот Сиониј прочита и врачи благодарница, икона и крст во свое име и во име на братството на г. Коблианиѕе, изразувајќи му благодарност за неговиот одлучувачки придонес во основањето на центарот „Дарбази“.
Бугарско-грузискиот духовно-културен центар „Дарбази“ е основан по замисла на Величкиот епископ Сиониј и г. Давид Михајлович Коблианиѕе, со дарежливата поддршка на г. Коблианидзе и грузиската дијаспора во Бугарија. Се состои од три сали, посветени на: основачите на манастирот – браќата Григориј и Абасиј Бакуриани; првиот настојател – Григориј Вански и првиот ректор на духовната академија – Јоан Петричи; како и библиотека посветена на последниот патријарх на Втората бугарска држава – Патријарх Евтимиј Трновски.
Центарот ќе овозможи научна работа за грузиското и бугарското минато на манастирот, за духовните врски меѓу Бугарската и Грузиската православна црква, како и за монашките традиции во Бачковскиот и грузиските манастири.
Во продолжение следи писмото од католикос-патријархот на цела Грузија по повод овој настан:
По повод отворањето на бугарско-грузискиот духовно-културен центар во манастирот Петричон
Денес е особено значаен ден во односите меѓу Бугарската и Грузиската православна црква, затоа што во светски познатиот Бачковски, односно Петричонски манастир — грузиски манастир, по повеќе од 1000 години се отвора бугарско-грузиски духовно-културен центар, израз на благодарност за трудот што големите Григол и Абас Бакурианисдзе го вложија основајќи го ова славно светилиште, како пред Бугарија, така и пред Грузија.
Со духовна радост сведочиме дека делото што го започна блаженоупокоениот патријарх Неофит, со голема ревност и труд го доведе до крај настојателот на овој манастир и епископот Велички г. Сиониј, во времето на Вашата патријаршиска служба, со Вашето благословение и грижа. Голем придонес во овој подвиг дадоа и нашите сограѓани што живеат во Бугарија, добротворите г. Давид Коблианиѕе и г. Паата Гамгонеишвили, како и претставниците на грузиската заедница: Владимир Тутбериѕе, Георги Жорданија, Георги Кахиани и Амбасадата на Грузија во Република Бугарија.
Искажуваме искрена благодарност до сите што не заборавиле добрината — најголемата доблест на секој народ, што за жал, често се запоставува.
Еве пред нас е духовниот центар со три сали: посветени на браќата Григол и Абас Бакурианисѕе — основачи на светилиштето; на првиот настојател на манастирот Григол Петричи и прв ректор на училиштето, познатиот филозоф Јоване Петричи; и библиотеката со име на свети Евтимиј, последниот патријарх пред турското ропство, наречен и татко на народот.
Овие личности собрани во еден простор нè потсетуваат сите дека трудот вложен за слава на Бога не познава граници, дека заслугите на достојните предци не се подложни на минливоста на светот и нè воведуваат во Божјата благодат и вечноста.
Особено значајно е што токму денес се празнува споменот на најголемата светост — чудотворната икона на Пресвета Богородица од Бачково. Верувам дека заедно со нас се радуваат и Пресвета Богородица, свети Јован Крстител, свети Георги, свети Никола, свети Архангел Михаил, светите апостоли, Теодор Тирон, Теодор Стратилат, свети Лазар и сите светии чии цркви се наоѓаат во овој комплекс; се радуваат и основачите на светилиштето и сите што се подвизуваа овде низ вековите.
По нивните молитви, нека ја благослови Пресвета Троица нашите земји и цркви со мир и нека ја зацврсти единството на православните. Амин!
Илија II
Католикос-патријарх на цела Грузија
Архиепископ на Мцхета-Тбилиси и
Митрополит на Бичвинта и Цхум-Абхазија
















