На 29 октомври, ден пред празникот на светиот крал Стефан Милутин, Неговата Светост Софискиот митрополит и Бугарски патријарх г.г. Даниил отслужи света божествена Литургија во митрополитскиот храм „Света великомаченица Недела“. По богослужението, беше извршен чин на преоблекување на нетлените мошти на светиот крал, проследен со празнична литија.
На службата присуствуваа и Неговото Преосвештенство Бранишкиот епископ Пахомиј – прв викар на Софискиот митрополит, Неговото Преосвештенство Знеполскиот епископ Мелетиј – ректор на Софиската духовна семинарија „Св. Јован Рилски“, архимандрит Јован – протосингел на Софиската света митрополија, архимандрит Василиј – претседател на катедралниот храм „Света великомаченица Недела“, архимандрит Јануариј, архимандрит Евтимиј, како и гостите: архимандрит Мардариј – игумен на Погановскиот манастир „Св. Јован Богослов“ (Србија), архимандрит Серафим – игумен на Суковскиот манастир (Србија), јеромонах Натанаил и јеромонах Јосиф (Масачусетс, САД), јеромонах Климент од Зографскиот манастир (Света Гора), храмовото свештенство и свештеници од Софиската епархија. Храмот беше преполн со верници од Бугарија и Србија.
Меѓу официјалните гости беа г. Димитар Главчев – в.д. премиер на Р. Бугарија и г. Жељко Јовиќ – амбасадор на Р. Србија.
Во своето обраќање пред литијата, Неговата Светост рече:
„Седумстотини и три години нè делат од времето кога светиот крал Стефан Милутин премина од земниот привремен живот во небесното Христово царство, кон кое се стремеше. Од векови жителите на овој спасителен град Софија со благоговение го почитуваат светиот крал Стефан Милутин, кој даде инспирација и поддршка во верата на илјадници Бугари, Срби, Грци, Романци, а особено во тешките години на турското ропство, кога мнозина маченички страдаа за својата вера. За сите нас денешниот празник на светиот Крал е настан, кој нè собра од блиску и далеку, за да се радуваме и да го прославиме Бога, чудесен во своите светии.”
Во словото по литијата, патријархот Даниил рече:
„Господ Исус Христос ни заповеда да бидеме едно. Да го послушаме и да се бориме против сè што го нарушува единството меѓу нас. На тој начин ќе дадеме пример. Тоа е светлината која свети на луѓето и по која сите ќе препознаат дека сме христијани – ако имаме љубов помеѓу себе.
Светиот крал Стефан Милутин имал побожност и милосрдие кон оние што се во потреба и страдање, ја штител верата, издржувајќи го притисокот да се приклучи кон унијата. Во своето земно царство се стремел да ги исполнува Христовите заповеди, така што да го донесе Божјото царство меѓу народот. Често поради нашите гревови Господ испраќа искушенија, но тие се за да го насочиме погледот кон небесното, да одиме кон Бога и да живееме со Божјата правда овде на земјата. Тоа е вистинската благосостојба, кон која треба да се стремиме, за да најдеме вистинска радост и благоденствие за нас, за нашите народи и за сите луѓе.“
Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/patriarsheska-sveta-liturgia-s-chin-na-preoblichane-moshtite