Празникот на свети Јован Рилски и оваа година собра десетици православни христијани во Софиската духовна семинарија, која по 121-ви пат го прослави празникот на рилскиот пустиножител и чудотворец.
За прв пат по изборот и интронизацијата, Неговата Светост Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил официјално ја посети духовната школа, при што на 18 октомври отслужи празнично вечерно богослужение, а на 19 октомври ја предводеше празничната света Литургија во семинарскиот храм. Со Неговата Светост сослужуваа епископите: Мелнишки Герасим – главен секретар на Св. Синод, Бранички Пахомиј – прв викариј на Софискиот митрополит и Знеполски Мелетиј – ректор на Софиската духовна семинарија, архимандритот Јоаким – духовен надзорник на Софиската епархија, архимандритот Никодим, софиски свештеници и протоѓаконите Иван Петков и Дејан Коруноски.
Песнопенијата на богослужението беа изведени од учениците на Софиската духовна семинарија, предводени од протопсалтот Константинос Фотопулос. Проповед за празникот одржа ученикот од 12-то одделение Нино Иванов, кој зборуваше за чудесниот живот на преподобниот отец Јован Рилски, како и за неговиот завет и чуда.
На крајот на светата Литургија, Патријархот Даниил им се обрати на духовниците, семинаристите и верниците кои го исполнија храмот: „Празнуваме еден од трите празници посветени на св. Јован Рилски – Пренесување на неговите мошти од Рилскиот манастир во градот Средец. Празнуваме едно мало воскресение, бидејќи кога неколку децении по неговото заминување од овој свет на 18 август 946 г. свети Јован им се јавил на своите ученици – тој им рекол да го отворат неговиот гроб и да го пренесат неговото тело во градот Средец. Неговите ученици го доживеале она што го исповедаме во Симболот на верата: ‘Го чекам воскресението на мртвите и животот во идниот век! Амин!’. Зашто како што Господ воскресна со Своето тело од гробот, така и монасите од Рилската света обител го извадиле нетленото тело. Тело, кое сведочи за победата на животот над смртта на Господ Исус Христос. Веќе повеќе од еден милениум сите ние се радуваме за овој голем настан. Го прославуваме Бога, зашто е прекрасен во Своите светии.“ Неговата Светост обрна внимание и на заветот на св. Јован Рилски, повикувајќи да му се молиме на светецот за да нè чува и помага во следењето на Бога.
Свеченото богослужение заврши со многулетствие, а во приемниот салон на Софиската семинарија децата го поздравија Неговата Светост со песнопенија.












Извор: https://bg-patriarshia.bg/news/patriarsheska-sveta-liturgia-za-praznika-na-sv-yoan-rilski-v