Во август 2024 година, Патријаршискиот егзарх на Африка на Руската православна црква, Митрополитот Зарајски г. Константин, за време на својата посета на Кенија, претстави нови православни изданија на јазикот свахили. Меѓу нив е и брошурата за извршување на Света тајна Покајание и подготовка за тоа, како и текстови на основните богослужби од дневниот круг во руската традиција.
Според претседателот на Мисионерскиот оддел на Патријаршискиот егзархат на Африка, свештеникот Георгиј Максимов, новите изданија веќе добија позитивни одговори од свештениците, кои ја истакнуваат нивната корисност. Отец Георгиј, исто така, ја подвлече важноста на ширењето на традицијата на исповед кај православните Африканци, која претходно била малку позната и речиси не се практикувала.
Автори на брошурата за таинството исповед се протојереј Тигриј Хачатрјан и јеромонах Георгиј (Тавицки), а преводот на богослужбените текстови го направи архимандрит Захарија (Мулингва), студент на Санктпетербуршката духовна академија. Овие книги беа предадени на кенијските свештеници на пастирските собири, организирани од Митрополитот Константин.
Јазикот свахили е еден од најзначајните јазици на африканскиот континент. Тој е државен јазик во Кенија, Танзанија и Уганда, а исто така широко се користи и во низа други земји од Источна и Централна Африка како јазик за меѓуетничка комуникација. Според различни податоци, бројот на луѓе кои го владеат јазикот свахили изнесува од 70 до 150 милиони.