Патријарсите и поглаварите на црквите во Ерусалим го осудуваат неправедното одземање на имотот на Ерменската патријаршија и бараат итна интервенција

Неговото Блаженство Патријархот Ерусалимски г.г. Теофил и поглаварите на останатите цркви во Ерусалим на 19.02.2025 упатија отворен апел до властите на Израел да се сопре процесот на запленување на имот на Ерменската црква во Ерусалим. Процесот е заснован врз долгови од данок за кој во соопштението се вели дека се „прекумерни“, „правно сомнителни и морално неприфатливи“.

Поглаварите нагласуваат дека „овој непромислен потег … поставува опасен преседан што може да ги доведе во ризик сите христијански институции во Светата земја.“

Затоа апелираат до израелските власти, до Премиерот Нетанјаху и министрите од неговата влада да интервенираат, да го запрат процесот и да обезбедат постигнување на „добро решение во духот на правдата“.

Во продолжение е целата содржина на овој апел.


„Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат.“ (Мт. 5, 6)

Со голема загриженост, ние, патријарсите и поглаварите на црквите во Ерусалим, цврсто стоиме во солидарност со Ерменската патријаршија во Ерусалим во нејзината борба за правда против неправедната одлука за заплена на имот, издадена од Општината на Ерусалим. Дејствијата против Ерменската патријаршија, засновани на непотврдени и прекумерни долгови за данокот Арнона, се правно сомнителни и морално неприфатливи. 

Незамисливо е христијанските институции, кои со векови имаат мисија да ја чуваат верата, да им служат на заедниците и да го зачуваат светото наследство на Светата земја, сега да се соочуваат со закана од заплена на имот под израелски административни мерки што го занемаруваат правниот процес. Особено загрижувачки е обидот на општината да спроведе наплата на долг без судска проверка и спротивно на одлуките на владината комисија формирана за преговори по ова прашање. Овој непромислен потег ја загрозува Ерменската патријаршија и поставува опасен преседан што може да ги доведе во ризик сите христијански институции низ Светата земја. 

Оваа одлука го поткопува слободното исповедање на верата, кое е темел на сите други права. Со конфискацијата на имотот се доведува во прашање самото постоење на Ерменската православна црква, ѝ се одземаат неопходните економски средства за нејзиното функционирање и се лишува ерменската заедница од пастирската грижа на својата Црква. 

„Ако страда еден член, со него страдаат сите“ (1Кор. 12, 26). Нападот врз една Црква е напад врз сите, и не можеме да молчиме додека темелите на нашето христијанско сведоштво во земјата на Христовото служење се потресуваат. 

Ги повикуваме премиерот Бенџамин Нетанјаху, министерот за внатрешни работи Моше Арбел и министерот Цахи Ханегби веднаш да интервенираат, да ги замрзнат сите постапки за запленување и да обезбедат продолжување на преговорите во рамките на споменатата владина комисија, со цел да се постигне правично решение во духот на правдата. 

Нека победи праведноста, и нека остане Светата земја светилник на верата за идните генерации. 

+ Патријарсите и поглаварите на црквите во Ерусалим +

Извор: https://en.jerusalem-patriarchate.info/announcements/patriarchs-and-heads-of-churches-in-jerusalem-condemn-unjust-foreclosure-against-armenian-patriarchate-urge-immediate-intervention/