На 6 септември 2025 година Евангелската црковна заедница во градот Халифакс, во Англија, го заврши своето „Патување дома“ со тоа што премина во православната вера.
Оваа заедница, за која веќе пишувавме, предводена пасторот Даг Кларк, се заинтересира за православието најпрвин преку проучувањето на Светото Писмо, а потоа и преку подлабоко истражување на православната вера – евхаристиското присуство на Господа, крштевањето, исповедта, почитувањето на Богородица и др. Откако присуствуваа на православна богослужба во црквата „Св. Ајдан“ на Антиохиската Патријаршија во Манчестер, во 2024 година, тие се убедија дека треба да станат дел од Православната Црква.
Тие се обратија до парохискиот свештеник на таа црква, кој се согласи да ги води на патот кон православната вера. Во февруари 2025 година процесот официјално започна со тоа што членовите на евангелската заедница беа примени како катихумени.
Конечно, на 6 септември, откако ја извршија својата исповед, 34 катихумени беа примени преку Крштение и Миропомазание во Антиохиската Патријаршија, на богослужба со која началствуваше Неговото Високопреосвештенство, Силуан, митрополит на Британските Острови и Ирска, со сослужение на отец Григориј од црквата „Св. Ајдан“, Манчестер, отец Мајкл од црквата „Св. Константин“, Јорк, и уште неколку свештеници. Богослужбата се одржа во главната сала на основното училиште каде до неодамна заедницата ги одржуваше своите неделни служби, иако просторот едвај ги собираше кандидатите, нивните кумови, семејствата и добронамерниците. На светото крштение Даг го доби името Кедмон.
Следниот ден, на 7 септември, беше отслужена архиерејска Божествена Литургија во храмот „Св. Малахија“, каде речиси 100 луѓе со громогласни возгласи „Достоен е!“ го потврдија ракополагањето на отец Кедмон во ѓаконски чин.
Со своите совети до новиот ѓакон Кедмон, владиката Силуан ја нагласи и службата кон Бога, и службата кон новата парохија на „Св. Хилда“. Тој исто така истакна дека Православието е едно семејство, и ова православно семејство со радост ги прими своите нови членови.
„Многу Британци, особено млади мажи, бараат нешто и го наоѓаат во Православната Црква. Слава на Бога, Тој дејствува на Британските Острови. Второ, погледот на среќа и радост беше на лицата на новопросветлените, и млади и постари, по нивното крштевање – исполнети со Светиот Дух, тие беа дома“ – истакна владиката Силуан.







































Извор: https://www.antiochian-orthodox.com/post/the-journey-home-from-halifax-to-antioch-part-1
